СТИВ ПЉАКАС И НЕГОВИТЕ АКТИВНОСТИ ЗА ВИСТИНИТЕ ЗА ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД (31)

ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Факт е дека Грција грубо и навредливо ги враќа Македонците кои се родени или потекнуваат од егејскиот дел на Македонија, да влезат во таа земја на Европската унија, и покрај тоа што тие имаат американски, канадски или австралиски патни исправи. Инаку, сите тие граѓани на светот се лојални, познати и признати, многу од нив се признати бизнисмени, културолози и видни  граѓани во новите средини на Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија, Европската унија  и други земји.

Ваквата несфатлива грчка политика кон Република Македонија со различни дипломатски активности, мешање и ширење невистини, го забави процесот на меѓународното признавање на Република Македонија, правејќи преседан за нашата држава да биде прифатена во ОН под привремено срамно име и никогаш да не биде примена во Европската Унија.

Грција ја користи позицијата, милениче на Англија и Соединетите Американски Држави и продолжува да ја блокира Македонија бидејќи  е членка на Европската унија.

Сепак, не треба да се заборави дека таа не е национално хомогена, туку, всушност, е мултинационална држава, имајќи ги сите потенцијални политички последици. Обврзна е, да ја прифати европската регулатива во врска со третманот на малцинствата и заштитата на нивните човекови и културни права.

11112

Таа е земјата од каде што потекнува зборот „демократија“ но далеку е од демократијата.  Заедно со Македонија е земја од минатото, со надеж дека ќе биде земја на иднината, и, конечно, таа е сосед на Република Македонија, кој треба да биде своевиден генератор, а не кочничар без преседан кон подоброто утре“, вели Стив Пљакас.

Ние мора да истакнеме дека македонскиот и грчкиот народ, без оглед на нивната државна политика, соработувале во добри и лоши времиња. Ова е потврдено во последниве децении со зголемување на соработката   меѓу двете земји и нивните народ на културно и друго поле.

Како потврда на ова, на пример, да посочиме дека се направени бројни преводи од македонски на грчки и обратно, а има голема соработка помеѓу фолклорни и забавни групи, театарски и други асоцијации.

Голем број грчки интелектуалци ги осудуваат политиките и неправдите нанесени на познати и признати македонски граѓани кои потекнуваат од Егејска Македонија. Исто така, мора да се нагласи значењето на грчкиот Хелсиншки комитет и други здруженија за заштита на човековите и други права на секој граѓанин во Република Грција.

Грција е потписник на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на националните малцинства од септември 1997 година, со кое покажа добри знаци на постепени позитивни промени во односот кон малцинствата во таа земја.

Оваа Конвенција можеби ќе доведе до исчезнување на причините за грчкото негирање на името на Република Македонија и на правата на македонското и другите малцинства во Грција.

И, конечно, факт е дека во последно време Грција далеку води пред многу други странски бизнисмени и компании, кои инвестираат свој капитал во Македонија. Нивното учество во повеќе од педесет инвестициски проекти претставува, од една страна, моќен потенцијал и обновување на капиталот, а од друга страна, дали тоа значи, дека дел од македонското стопанство има економска зависност од грчките инвеститори?

Добрите економски односи меѓу Република Македонија и Република Грција ги навестуваат или ги потврдуваат очекувањата дека соработката и инвестициската политика на двете земји ќе продолжи и во иднина.

Продолжува

slavek 1 copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН