ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН
Името „Балкан“ е од подоцнешен датум, по стариот италијански Бог на огнот Вулканус, првенствено Бог на вулканскиот оган, а подоцна и Бог на ковачката вештина. Ова име се однесува на планината Хем и на целиот полуостров. Погрешно е да се смета дека е од турско потекло. Науката за Балканот е балканологијата, која е основана во XVIII век,
заради изучување на општествено-политичките, културно-историските, филозофските, фолклорните и други особености на овој дел од светот
На југоисток од Европа се наоѓа Балканскиот Полуостров, кој во историски и цивилизациски поглед претставува „Стара Европа“, матица на европската цивилизација. Се простира меѓу 35° и 46° 53` северна географска ширина и 13° 23` и 30° источна географска должина. Древното име за Балканот е Хем (Haimos), по планината на север во Тракија.
Според една легенда, планината Хем е наречена така по тракискиот тиранин Хем, кој во двобој го убил Посејдоновиот син Бизант кој, пак, се смета за основач на истоимениот град на Босфорот. Според друго кажување, Хем бил син на Богот на sеверниот ветер Бореј, најсилен од сите ветрови и персонификација на тракиската планина. Бил оженет со Родопа, која му го родила синот Хебар (реката Марица или Хебар). Заради кавгата со боговите, тие биле претворени во планини.
Географски граници на Балканот се: на север Дунав и Сава, на југ Средоземното Море, на исток и југоисток Црното, Мраморното и Егејско Море, на запад Јонското и Јадранското Море. Неговите јужни брегови се многу разгранети. Полуостровот го пресекуваат големи планински системи од север кон југ и југоисток, кои тежнеат од Алпите, преку егејските острови да се спојат со планинскиот систем на Мала Азија.
Тоа се Динарско-Шарско-Пиндскиот, Карпатскиот, Балканскиот и Родопскиот систем, со планински врвови до 3.000 м (Рила 2 925 м, Олимп 2.918 м, Пинд 2,914 м, Кораб 3.061 м, Шара 2.748 м, Проклетие 2.694 м, Дурмитор 2.522 м итн.).
Уште во античко време се опишани и опеани многу планини на Балканот, секако најмногу Олимп, потоа Хем и Родопите, но и Пинд, Тајгет, Парнас и други. Филозофот и географ Страбон (66 година пред Христа – 19 година пред Христа), Шар Планина (Skardus) ја нарекувал „Верига на светот“ (Catena mundi).
Меѓу реките доминираат: Дунав, Сава, Морава, Дрина, Дрим, Тимок, Ибар, Неретва, Бојана, Вардар, Бистрица, Струма, Марица, Пинеј и др. Езера се: Охридското, Преспанското, Скадарското, Островското, Костурското итн.
Во внатрешноста на полуостровот климата е умерено континентална, со високи температури на југ до 40° во текот на летото и со суша, и планинска, со големи снежни врнежи. На приморјето климата е медитеранска. Погодните климатски и плодоносни карактеристики овозможуваат добри услови за развој на земјоделието, сточарството, рибарството и др.
Меѓу планините се формирани помали или поголеми широки рамници, од кои најголема е Панонската Низина, во сливот на: Дунав, Сава, Драва, Тиса и Морава. Таа претставува најнизок дел од земјиштето во Панонскиот Басен, меѓу Алпите, Карпатите, Динарските и Родопските Планини. Настанала со повлекување и истекување на Панонското Езеро (Море) низ Ѓердапската Клисура.
Езерото било најголемо за време на плиоценската геолошка епоха, а постепено истекувало кон крајот на плеиоценот и почетокот на холоценот, кога завршува последната глацијална (ледена) епоха на Балканот, околу 10.000 г. пред Христа. За тоа време, под мраз биле многу планини, како што се: Олимп, Пинд, Шар Планина, Пирин, Рила, Јакупица, Проклетие, Дурмитор, Прењ и др.
Другите низини во Србија, Босна, Хрватска, Бугарија, Македонија, Тесалија, Пелопонез и др., сочинуваат околу 29 % од вкупната површина на земјиштето. Претежно на југ и запад на Балканот, меѓу стрмните планини, рамниците меѓусебно се спојуваат преку тесни премини, обично клисури.
Ваквата конфигурација на земјиштето во минатото влијаеле во обликувањето на помали човечки заедници, кои подоцна прераснувале во помали етнички групи по системот полис-држави.
Разноликоста на бреговите на Балканскиот Полуостров, многуте реки, котлини и превои, овозможувале погодни услови за рано населување од југ спрема север, и од исток кон запад, долж големите реки и плодните рамници.

Со својата географска положба Балканскиот Полуостров од памтивек бил мост и главна сообраќајница меѓу Азија и Европа, Исток и Запад, што придонело за мултиетнички состав, разновидност од културни и политички влијанија и немири низ историјата. Тоа убедливо го потврдуваат археолошките наоди од разни древни култури. Ни помалку простор ни повеќе историја. Балканот, Европа и светот во целост, во ан
тичко време најдобро го опишал Херодот (IV, 36), татко на историјата, кој нагласува дека човекот мора да се смее на тоа како многу научници ја нацртале Земјата. Тие прикажале дека Земјата е тркалезна како круг, дека околу неа течат океани и дека постојат само три континенти: Европа, Азија и Либија (Африка), кои меѓусебе се споени.
Според тоа сфаќање, Европа е најголема и најдолга, па оттаму и нејзиното име, од кованицата evris – широк, простран и ops, opos – многу налик, лице, око, т.е. Европа. Неа ја опкружува Северното Море. Европа немала име, а сега се вика така по ќерката на Филип II Македонски, Европа. Меѓутоа, според Хесиод (меѓу 800-700 година пред Христа), во Теогонија (357) за создавањето на светот и митовите од боговите, Европа е ќерка на Океан и Тетида, сестра на Тракија, Азија и Либија. На Зевс му го родила синот Додон, епонимен херој на Додона, прв храм на Балканот.
Најсеверни народи на Европа во почетокот биле Борејците, кои живееле во Тракија и по долината на Стримон, а подоцна Хиперборејците кои живееле на крајниот север, од онаа страна на Северниот Ветер, т.е. Хем. Херодот понатаму изнесува дека најголема река во Европа е Истар (Danubius) и дека ја опкружуваат океани, како на исток така и на запад.
Во географски поглед, Подунавјето е голема област која ги поврзува Источна и Западна Европа, Црноморскиот регион и Медитеранот, преку своите притоки и северните делови на континентот со централните области на Балканот. Гигантските алпски и карпатски планински системи го делат Подунавјето на алпски или западен, панонски или средишен и понтски или источен дел.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН