Генералниот секретар на НАТО ќе го посети Косово на 11 март

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се очекува следниот вторник да го посети Косово, за првпат по преземањето на функцијата, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори.

Ден претходно, на 10 март, шефот на НАТО ќе ја посети Босна и Херцеговина (БиХ).

Се очекува во текот на посетата на Косово, Рута да биде придружуван од амбасадорите на земјите членки на НАТО кои се членки на Северноатлантскиот совет.

Во меѓувреме, НАТО се уште официјално не ја најави оваа посета, самиот Марк Руте најави посета на Косово во текот на март.

Пред неколку дена во Братислава, генералниот секретар на НАТО изјави дека стабилноста на Косово, Босна и Херцеговина и Србија е во интерес на сите и дека не гледа причина да верува дека може да има драматични промени во однос на американската посветеност на НАТО, пренесува РСЕ.

Делегација на НАТО предводена од генералниот секретар ќе ја посети и мисијата КФОР, која ја предводи НАТО. Во оваа мисија моментално има околу 4.700 војници. Од нив, Италија има најголем контингент со 1.250 членови, бидејќи има и команда, додека САД имаат околу 600 членови во оваа мисија.