ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II
Покрај најстарата Фолклорна група „Македонка”, којашто е формирана во 1959 година, од група ентузијасти и вљубеници во македонското оро и песна, во состав на МПЦО „Свети Климент Охридски”, постои и КУД „Гоце Делчев” во рамките на организацијата „Обединети Македонци”, Играорната група „Илинден” од МПЦО „Свети Илија” во Мисисага, Играорната група „Танец” и КУД „Трсје”; во Торонто е формирана и македонската Фолклорна група „Селјани”.
Фолклорната група „Селјани”.е формирана при крајот на 1969 година, со цел да учествува и да презентира дел од македонските изворни ора, песни и обичаи на Првиот интернационален караван на нациите, што се одржал истата година во Торонто, а на кој се претставиле македонските иселеници коишто живеат и работат на тие простори. Фолклорната група „Селјани” постигнала забележителен успех на Караванот, што бил добра основа и поттик за натамошна макотрпна работа на сите членови и резултатите што ги имале сè повеќе.
Првиот учител, кореограф и инструктор на младите фолклорни ентузијасти од групата „Селјани” била Олга Сандоловиќ, родена Велов, специјалист за балкански игри и многу познат учител за фолклор во Северна Америка, а големи заслуги имал и д-р Тимо Рајс професор на Музичкиот факултет на Универзитетот во Торонто, кој им ја пренел вештината за инструментите гајда, кавал, тамбура и тапан. Од 1975 година директор и кореограф на Фолклорната група „Селјани” станал Џим (Митре) Николов, кој заедно со својот животен сопатник сопругата Дина биле матицата и душата на оваа многу значајна фолклорна група.
Џим е познат во македонската колонија во Торонто не само со својот ведар дух и интелектуални способности, туку е и одличен познавач и вљубеник во македонскиот изворен фолклор; одличен играорец, свири на кавал, ги пее старите изворни македонски песни и живее со народното богатство од Македонија, особено од егејскиот дел на Македонија. Џим е економист по професија, со високо образование, честит Канаѓанец од македонско потекло, роден во Торонто. Татко му е од селото Трсје, Леринско, а мајка му од градот Лерин. Неговите родители со себе го понеле македонското изворно фолклорно богатство и му го пренеле на Џим, кој се гордее со своето македонско потекло. Џим Николов е добитник на значајни награди, признанија и пофалби за постигнатите резултати во фолклористиката. Но, голем успех и заслуги за тоа има неговата сопруга Дина која, исто така, е родена во Торонто, а по потекло е од Беломорска Македонија; која е гимназиски професор, а во групата игра и свири на тамбура и често била домаќинка на заедничките другарувања.
Членовите на македонската Фолклорна група „Селјани”, главно, биле интелектуалци од македонско потекло од егејскиот дел на Македонија, но родени во Канада, кои со голема љубов и ентузијазам го негуваат македонскиот изворен фолклор. Меѓутоа, меѓу нив имало и членови од други народи, како Кинези, Мексиканци и тн. Треба да се каже дека сите од групата истовремено биле и играорци и дел од музичката секција, свирејќи на изворни инструменти.
Поголемиот број од песните и ората што биле на нивниот репертоар се снимени на албум под наслов „Селска музика од Македонија”, што е единствен проект од ваков вид реализиран во Торонто, а и пошироко. Содржи 14 изворни македонски песни, меѓу кои се:
„Ајде ред се редат”, песна од периодот на турската доминација која се однесува на сторијата за барањето на комитата Иљо од турските војници. Вокален инструмент е гајдата.
„Не си го продавај Кољо”, приказна за една девојка која го понижува невредниот додворувач .
„У вој двор”, оваа песна ја има запишано познатата интерпретаторка Мери Мајнас по потекло од Невољани, Леринско, која била учесник на фолк-фестивалот „Валандово” 1989, 2007 и 2011 година. Песната се однесува за денот „Лазарова сабота” кога млади девојки носат венчиња од пролетни полски цвеќиња и одат од куќа до куќа посакувајќи здравје, среќа, долг живот и бериќет. Овој обичај во леринскиот крај се пренесувал уште од времето пред христијанството.
„Прстен ми падна” е насловот на популарно аранжираната стара фолклорна песна од битолско-прилепскиот крај. Во песната се зборува за свршеницата која е несреќна, бидејќи не може да ја вети својата љубов на младиот овчар кој го нашол нејзиниот прстен.
„Три години Кате” е песната за младиот човек кој лежи болен долг период од три години и кој се надева дека ќе оздравее, а кога ја видел Кате при нејзината посета ги изразува своите љубовни чувства кон неа, изведбата е од вокалната група на „Селјани”.
„Излези да се рашетам” е песна од костурскиот крај и зборува за младата девојка која е импресионирана од убавото момче што го видела во селото Дреново, Костурско. Девојката ја моли својата мајка да и најде стројник за да се омажи за момчето.
„Овчеполска потрчулка” е последна на лонг–плеј плочата „Селска музика од Македонија”, која е наградена на фестивалот во Велс и други.
Фолклорната група „Селјани” на англиски јазик ја има издадено книшката „Македонија – збир на текстови за историјата и културата на Македонија”, со следните наслови: Етнокултурален профил на Онтарио, Кратка историја на античкиот период, Формирањето на славјанската алфа-бета, Историја на македонската поезија, Македонски народни прикаски, Македонски собир, Велигден во Македонија, Божик во Македонија, Македонскиот народен вез, Македонските фолклорни инструменти, песната „Т’га за југ” и други материјали. Уредниците на оваа книшка се Дина и Џим Николови, а уредник е Мери Димитриу, кои се заблагодаруваат на Министерството за култура и рекреација на Онтарио, за помошта што им ја дало за издавањето на книшката
Во 1980 година групата гостуваше во Република Македонија и, покрај другото, настапи на фестивалот „Илинденски денови” во Битола. Фолклорната група „Селјани” беше прогласена како голем зачувувач на традиционалниот стил на македонските игри.
Фолклорната група „Селјани” во последните години имала настапи на поголем број фестивали, собири и друг вид манифестации во Канада и САД и постигнала забележителни резултати..
Главната цел на групата е да го негува и развива традиционалниот македонски изворен фолклор и што е можно повеќе да го претстави на оригинален изворен начин. За таа цел, покрај ората и песните, тука се и народните инструменти, традициите, стилот на пеењето, изведбата на песните, како и обичаите и носиите. Работата на фолклорната група овозможува да се зачуваат македонските традиции, да ги презентираат изворните ора и песни преку живописните мариовски, смилевски и носии од егејскиот дел на Македонија, како и ширење и развој на македонското фолклорно богатство.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН