Анѓушев: Економската соработка меѓу Македонија и Германија на високо ниво

Економската соработка помеѓу Македонија и Германија е на високо ниво. Сојузна Република Германија е прв трговски партнер на Република Македонија и радува тоа што соработката дополнително се развива, оценил вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев на средба со делегација од Сојузното германско собрание, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач на Комитетот за односи со ЕУ во Бундестагот.

Како што соопшти Кабинетот на Анѓушев, тој нагласил дека во Македонија работат околу 200 компании со германски капитал и дека  Германија е земја со која Македонија има најголем суфицит во трговската размена, кој во 2017 година изнесуваше над 1,5 милијарди евра.

– Задоволство е што во првите два месеца од 2018 година, во однос на првите два месеца во 2017 година, забележан е раст од 27 отсто во трговската размена помеѓу двете земји и над 30 отсто раст на извозот во Германија, што покажува дека соработката се унапредува и расте, нагласил вицепремиерот Анѓушев.

Тој ги запознал германските парламентарци со усвоениот сет економски мерки со кои силно се поддржува индустријата во земјата, се поттикнуваат нови инвестиции и посочил дека овие мерки се одлична можност за инвестиции од постоечките и нови германски компании.

– Мерките од Планот за економски раст ќе ја раздвижат македонската економија. Преку нивна имплементација се стимулираат нови инвестиции, технолошки развој и иновации, што ќе доведе до повисока конкурентност на компаниите кои работат тука, а со тоа нови работни места и повисоки плати за граѓаните на Република Македонија, потенцирал Анѓушев.

Соговорниците се согласиле дека владеење на правото и стабилната политичка ситуација се неопходни за инвеститорите да чувствуваат сигурност во својот капитал и дека тоа е основа за да се обезбеди економски раст.  Претставниците на Бундестагот истакнале дека спроведувањето на реформите кои ги презема македонската влада во сите сфери се добра основа за целосно интегрирање во Европската Унија и НАТО и дополниле дека членството во овие организации ќе придонесе за посветла иднина за младите генерации.

– Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека Владата е посветена на реформската агенда, а дека ќе се користат германски искуства и знаења во имплементација на дуалниот систем на образование, за продуцирање на квалификувани и квалитетни кадри за потребите на стопанството, соопшти Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања.