Бејли: Враќањето на опозицијата во Парламентот е клучно за демократијата

Американскиот амбасадор Џес Бејли вечерва оцени дека е многу важно што ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Парламентот, како водечка опозициска партија.

– Силна, активна опозиција во Парламент која ќе разговара за закони е клучно за една демократија, посебно за една европска демократија, рече Бејли во интервју за 24 Вести.

Што се однесува до процесот на реформи, тој рече дека не е важно само да се изгласа некој закон, туку дека треба да се смени функционирањето на институциите и функционирањето на луѓето.

– Не е работата само некој закон да се изгласа,  туку има случаи треба да се смени културата на некои институции и на политичкиот живот во државата, рече американскиот амбасадор.

Во однос на спорот со името и влезот на Македонија во НАТО, Бејли кажа дека е најважно да се реши прашањето со името и оти Декларацијата на Самитот во Букурешт го подвлекува токму тоа.

– Мислам дека сега постои голема шанса, бидејќи македонската  и грчката Влада се посветени да се најде решение.  Решавањето  на ова прашање  е добра работа за регионалната стабилност.  Билатерланите односи ќе се подобрат. Ќе се отворат области за соработување  во бизнис секторот и во трговијата. Тоа е во интерес на двете држави, во интерес на Европа и на трансатлантска безбедност.  Ова е многу важна шанса која не смее да се пропушти.  Како што времето поминува, ќе биде се потешко, смета амбасадорот Бејли.