Катругалос: Сѐ додека траат преговорите постои можност за решение

Пред целосно да завршат преговорите не можеме да кажеме дека постои договор и само едно прашање да остане отворено може да нема решение, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција,  Јоргос Катругалос, во интервју за грчкото радио „Сто кокино“.

Тој смета дека прозорецот за можности за решение и натаму е отворен.

– Како што напредуваат преговорите така се решаваат прашања, се појавуваат прашањата за кои постојат разлики и треба да се решат, така што прозорецот на можности и натаму е отворен. Пред целосно да завршат преговорите не можеме ништо да кажеме, затоа што и само едно прашање да остане отворено може да немаме договор. Сѐ додека траат преговорите не можеме да кажеме дека договорот е завршен, но сѐ додека преговорите продолжуваат можеме да кажеме дека постојат важни можности за решение, рече Катругалос.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија го коментира и интервјуто на Заев за МИА, објаснувајќи дека од изразените ставови произлегува дека македонската Влада целосно ја разбира ситуацијата дека ако не се реши прашањето „не може да има решение за Скопје во однос на основната перспектива и цел, интеграција во НАТО и ЕУ“, пренесува дописникот на МИА од Атина,

– Од друга страна, ако внимателно се прочитаат изјавите на Заев, се гледа дека и натаму е жива неговата намера да се најде решение, што е во комплетна спротивност со претходната националистичка влада. Оттука е и прозорецот на можности, дека господинот Заев, се чини, искрено сака да бара решение, вели Катругалос.

Во однос на прашањето што би се случило доколку не се постигне договор алтернативниот грчки МНР за радиото објаснува „дека Атина е подготвени за сите сценарија“.

– Ако не постои договор не значи дека ќе постои опасност за нашите национални интереси, вели Катругалос за радиото „Сто кокино“, пренесе МИА.