Во рамки на работната посета на Австралија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средби со спикерот на Парламентот на Нов Јужен Велс, Грег Пајпер, заменик-спикерката Сонија Хорнери и пратеникот Нејтан Хагарти.
На средбите, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се разговарало за одличните билатерални односи помеѓу двете земји, можностите за нивно продлабочување, како и значењето на парламентарната демократија и институционалната соработка.

Министерот Муцунски ја поздравил иницијативата што овозможува македонскиот јазик да биде дел од образовниот систем и изразил поддршка за негово натамошно унапредување.
-Посебен акцент беше ставен и на значајната улога на македонската дијаспора како клучна врска помеѓу двете пријателски земји. Двете страни се согласија дека македонската заедница во Австралија има важен придонес во општествениот и културниот живот, а нејзината посветеност во зачувувањето на националниот идентитет претставува пример за успешна интеграција и меѓусебно почитување, се наведува во соопштението.