Во рамки на официјалната посета на Вашингтон, првиот потпретседател на Владата Изет Меџити учествувал на Меѓупарламентарниот безбедносен форум што го организирале конгресмените Пит Сешнс и Роберт Адерхолт, соопштија денеска од Демократското движење.
На овој форум се разговарало за безбедносни прашања за Западен Балкан и за Европската Унија, со фокус на потребата од зајакнување на одбранбените институции и зголемен ангажман на земјите од регионот во НАТО.
Во својот говор пред учесниците на Меѓупарламентарниот безбедносен форум, се наведува во соопштението, Меџити истакнал дека поддршката на Соединетите Американски Држави за одбранбениот сектор на Западен Балкан, по кризата предизвикана од војната во Украина, била и останува клучна.
– Северна Македонија ќе продолжи да придонесува за глобалниот мир и безбедност, како одговорен актер и извор на извоз на регионалниот мир, истакнал вицепремиерот Изет Меџити.
Инаку, на овој форум учествувале и претседателката на Косово, Вјоса Османи и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кои ги споделиле своите искуства во безбедносните предизвици.