Премиерот Христијан Мицкоски во однос на замрзнување на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација, нагласи дека ова треба да не освести, да не отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме, самите да градиме општество кое ќе биде наше заедничко општество.
-Секоја поддршка во насока на подобрување на демократските капацитети на една држава е добредојдена. Но и ова треба да не освести и да не отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме, самите да градиме општество кое што ќе биде наше заедничко општество без разлика на нашите политички разлики, етнички, верски итн. Ќе треба да бидеме самите свесни дека ова е наш заеднички дом и дека ние сме сите под овој ист чадор. Тука сме се родиле, тука сме тагувале, тука сме се радувале и најверојатно најголемиот дел од нас тука и ќе го завршиме животот. Треба да ги засукаме ракавите и да градиме една поубава држава, рече Мицкоски на прес-конференцијата со министерот за локална самоуправа Златко Перински за вториот повик за финансирање проекти на општините.
Околу тоа како би влијаело врз македонската економија најавата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување повисоки царини за Европа, премиерот не сакаше да ја коментира ова политика.
-Тоа е автономна политика на новата администрација на претседателот Трамп. Јас не разбрав дека ќе биде кон Европа, мислам дека тоа ќе биде како што најавија со Канада, Мексико и Кина тоа ќе биде кон Европската унија. Јас така го сфатив сето тоа. Јас не би ја коментирал таа политика, бидејќи на таа политика си излезе на избори, си победи таа администрација и сега го имаме претседателот Трамп како претседател на САД, рече тој.
Мицкоски потенцира дека во секој предизвик треба да најдеме шанса како држава и како што рече, и ќе ја добиеме таа шанса.
-Но, јас тоа што го размислувам како претседател на македонската Влада е во секој предизвик да најдеме шанса за нас како држава и се додека така размислуваме од предизвикот да бараме шанса и ќе ја добиеме таа шанса. Ако оставиме некој друг да не брани, а некој трет да не храни, тогаш лошо ни се пишува. Затоа и реков, да се обединиме во различностите какви и да се дали се тие се партиски, верски, етнички, под овој чадор сме сите заедно и колку сме повеќе заедно толку ќе имаме посилна татковина, рече Мицкоски.