Вториот ден од работната посета на Брисел, министерот за европски прашања Орхан Муртезани го започна со средба со Оливер Ропке, претседател на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), на која се разговараше за улогата на економско-социјалните партнери и граѓанското општество во евроинтегративниот процес, информираат од Министерството.
Министерот Муртезани ја поздравил иницијативата на ЕЕСК за подлабока вклученост на граѓанскиот сектор, синдикатите и стопанските комори во процесот на проширување и истакна дека инклузивноста и широкиот општествен дијалог се клучни за успешно спроведување на реформите поврзани со европската интеграција.
Тој нагласил дека Северна Македонија веќе има развиени механизми за вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики, вклучително и процесот на европска интеграција, но дека е потребна поконкретна соработка и со европските институции за продлабочување на оваа соработка. Министерот Муртезани подвлекол дека учеството на граѓанските организации во европските платформи, како што е ЕЕСК, е вредна алатка за споделување искуства и добри практики, како и за јакнење на јавната поддршка за реформите што ги бара ЕУ.
Двете страни се согласиле дека проширувањето на ЕУ не е само институционален процес, туку трансформација која мора да ја водат сите сегменти на општеството. Министерот Муртезани ја реафирмирал подготвеноста на Владата на Северна Македонија да ја зајакне соработката со ЕЕСК, со цел подобро искористување на можностите што ги нуди овој комитет за вклучување на граѓанскиот сектор во европските процеси.