МАКЕДОНИЈА ПОСТОЕЛА ОД АНТИЧКО ВРЕМЕ ДО ДЕНЕС И ЌЕ ПОСТОИ ВО ВЕЧНАТА ИДНИНА – II ДЕЛ (26)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Иако Балканските војни (1912 – 1913) значеле некакво ослободување на Македонија од османлиското ропство, тие, всушност ѝ донеле ново подјармување. Дошло до трагична поделба на Македонија од страна на Грција, Бугарија и Србија, а подоцна и од Албанија, поради што следеле уште погруби услови и дискриминација за македонскиот народ. Не само што била негирана македонската нација, туку била забранета и употребата на македонскиот јазик, особено во Егејска Македонија, каде се применувале строги казни за оние кои се осмелувале да го зборуваат македонскиот јазик.

Во Србија, која подоцна прераснала во Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, под југословенската монархија, Македонија била колонизирана. На Македонците повторно им бил негиран националниот идентитет, а нивниот јазик бил потиснат. Слична била нивната судбина и во Бугарија, во Пиринска Македонија.

Вековната борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода, борба за правда и вистина, особено неговото активно вклучување во антифашистичката коалиција, по Втората светска војна, овозможи тој да се здобие со суверена држава, со национални институции и со разновидна палета на културна комуникација со светот. Македонскиот јазик стана официјален јазик на Република Македонија, познат и признат во светски рамки.

Се изучува на многу универзитети на неколку континенти и придонесува за ширење на вредностите на македонската култура и нивно вклучување во ризницата на светската култура. За жал, во деловите на Македонија, особено оние кои сè уште се наоѓаат во составот на Грција, Бугарија и Албанија, негаторскиот однос кон македонскиот идентитет и натаму продолжува.

По ослободувањето, цела Република Македонија доживеа силен подем во образованието, културата и изградбата, како и во општественото живеење. Тогаш, Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски уште како дете ги почувствува и ги наследи сите тие убави благодати на животот. Тој почна да се интересира за иднината во животот, за училиштето, за книгите…

Почна да ги чита книгите во скромната училишна библиотека и да се развива како напреден младинец кој беше сакан и почитуван меѓу учениците, наставниците и луѓето во селото.

Потоа, иселувањето од село во град и преселувањето од Македонија во странство си го направија своето. Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски не беше имун на тоа. Ги почувствува иселеничките бранови што ја зафатија Пелагонија и цела Македонија. Живо се сеќава за разделбите со печалбарите, за бегствата преку граница, за бурните времиња.

Охрид

За него, првото одење од родното огниште беше Прилеп. Таму, неговиот интерес се збогати и се прошири, за да му се отворат патиштата кон ветената земја, САД. Сè она што го доживеа во родната земја му беше добра основа да ги прошири и збогати своите видици.

Затоа, со неговото одење од Македонија и преселувањето во САД, тој, пред сè, го збогати своето живеење на економски план, што секако, беше добра основа за понатамошниот негов развој и интеграција во новата средина. Меѓутоа, паралелно со подобрувањето на економската состојба, тој почна еден нов начин на работа, творење и живеење.

Татковината на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски во 1944 година се прогласи за Народна Република Македонија во рамките на тогашната Федеративна Народна Република Југославија. Не многу години потоа беше преименувана во Социјалистичка Република Македонија.

Меѓутоа, кога пропадна социјалистичкиот блок во 1989 година, југословенските републики тргнаа по патот на одделување. Така, и Македонија, со Референдумот од 8 Септември (гроздобер) 1991 година беше конституирана како посебна, независна и суверена држава – Република Македонија. Тогаш, во тие ѕвездени мигови, Република Македонија стана член на Обединетите нации и постојан член на многу меѓународни организации.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН