ЛИЈ (ЉУПЧО) ТЕМЕЛКОВСКИ – ПОЗНАТ МАКЕДОНЕЦ И ПРАТЕНИК ВО КАНАДСКИОТ ПАРЛАМЕНТ (3)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Македонците во дијаспората постигнуваат забележителни резултати на полето на бизнисот ширум светот. Малкумина си ја пробале среќата на полето на политичкиот и општествениот живот во новите среди. Еден од нив е, секако, Луи (Љупчо) Темелковски од Торонто; Канада.

Корените на овој истакнат бизнисмен и политичар се протегаат во селото Брајчино, едно од најубавите локации во преспанскиот регион. Се наоѓа под југозападниот срт на Баба Планина, каде што се дели со атарите на селото Бистрица, Битола и со државната граница на јузниот сосед.

Ова прекрасно село се наоѓа на надморска височина од 1000 метри. Тоа е сместено на крајниот југоисточен дел на Општината Ресен, од која е оддалечено 32 километра, и е распространето од двете страни на Стара Река или, како што ја викаат, Брајчинска Река.

Во Брајчино имаше основно училиште во кое се изведуваше настава до четврто одделение (изградено во 1921 година), каде го заврши своето образование Љупчо Темелковски. Денес во селото останаа само споменикот на НОБ во училиштето „Даме Груев“, продавницата на сретсело  и  угостителските  објекти,  хотелресторанот „Балтан“,и ресторанот „Шумска куќа“.

Претежно од економски причини брајчинци почнаа да се иселуваат во Австралија, Америка, Канада и Шведска после 50-тите години од минатиот век. Како последица на таквото иселување во 90-тите години, од над илјада жители, колку што живееја во селото, бројот се намали на околу 200, за денес да останат само стотина жители од кои поголемиот број се повозрасни луѓе. Последиците се очигледни: училиштето е затворено одамна, по улиците нема џагор од дечиња, нема свадби, нема крштевки, има само умирачки.

Меѓутоа, од пред десетина години животот во селото како да почна да се враќа, селото како да заживува. Со изградбата на асфалтниот пат до селото и асфалтирањето на голем број од селските улици, се изгради водоводна мрежа и други инфраструктури, што како да беше повод, голем број брајчинци по светот, по пензионирањето да почнат да се враќаат и да ги реновираат своите стари куќи или да градат нови современи домови во Брајчино. Така и почна селото да заживува, да се враќа животот како во минатото.

Брајчино е познато по средновековната тврдина „Кула“, како и по петте цркви и едениот манастир. Манастирот Света Петка е едно од поважните духовни светилишта во Преспа. Тој се наоѓа во непосредна близина на селото, на едно ливадско плато, а е изграден во XVI век, а во 1902 година му биле запалени конаците, но во 1985 година повторно се обновени со приватни донации и се прилагодени за туристички цели.. Селска слава за брајчинци е Света Петка и се слави на 8 август.

Инаку, манастирот „Света Петка“ кој е еден од најстарите и најинтересни манастири во овој крај е сместен во полите на Баба Планина, високо над брегот на Преспанското Езеро, на околу половина час пешачење над селото Брајчино се наоѓа. Манастирот со црквата „Св. Петка“,ј на ова место, со падови и воздигнување, опстојува околу 5 века. За тоа зборува живописот во црквата, кој бил изработен од непознат живописец од костурскиот зографски круг. Најстариот живопис е датиран во крајот на 15 век, а на ѕидовите на оваа интересна црква се среќаваат фрески и од подоцнежните периоди, како од 16, и 18 век

Кога се пишува за Брајчино треба да се нагласи дека од ова долнопреспанско село потекнуваат стотина дипломирани интелектуалци, меѓу кои е и Љупчо (Луи) Темелковски – канадски политичар, кој првпат беше избран за член на Парламентот во 2004 година како претставник на новосоздадената околија Оак Риџиз-Маркам. За втор мандат беше реизбран на 23 јануари 2006 година.Неговото семејство имигрирало во Канада во доцните 60-ти години на XX век, кога Луи кој е роден на 4 октомври 1954 година, имал само 13 години.

Никој од семејството не говорел ни еден од официјалните јазици, но неговите родители станале вредни канадски работници чија единствена цел била на своите деца да им дадат можност за успех во новата татковина. Луи е првиот член на парламент од македонско потекло.

Луи (Љупчо) Темелковски дипломирал филозофија на Универзитетот „Мек Мастер“.Потоа изградил успешна кариера на полето на финансиските услуги. Почнал да работи со „Фридом 55 финаншијал“ во 1984 година како советник за продажба и напредувал до позицијата директор за развој. Бил член на Трговскиот совет на градот Маркам.

Мултикултурните гледишта на Пјер Трудо му беа инспирација на Луи. Тој многу верува во канадскиот мозаик и работеше како претседавач на Торонто караван фестивалот. Исто така, има активна улога и во Македонска православна црква! Свети Димитрија Солунски“ во Маркам,каде беше претседател на Основачкиот одбор.

Луи работел и во Владата на Онтарио, во Советот за мултикултурализам и државјанство. За своите значителни придонеси во подобрување на општеството, тој беше одликуван во 2002 година со Златен јубилеен медал од англиската кралицата Елизабета. Течно говори италијански, македонски и англиски јазик. Следна лингвистичка цел му е да го подобри францускиот јазик.

Иако 38 состав на Парламентот траеше само 17 месеци, Луи Темелковски беше многу активен. Тој беше копретседавач на постојаниот заеднички Комитет на парламентарната библиотека; член на постојаниот Комитет за државјанство и имиграција; ја востанови интерпарламентарната група на пријателство Канада-Македонија; тој беше претседавач на Канадско-ерменската парламентарна група и претседавач на Канадско-филипинската група на пријателство.

До сега, во 39 состав на Парламентот, Луи работтеше како дописен рецензент за јавни работи и услуги на Владата. Исто така, тој е заменик- прет- седавач на постојаниот Комитет за меѓународна трговија. Тој се радува на продолжувањето на работата во Парламентот и групите на пријателство.

Луи Темелковски е оженет со Лорета, помошник-наставник во средното училиште „Братот Андре“. Тие имаат четири деца: Александар, Тања, Сандра и Кристијан. Неговото семејство живее во Маркам од 1983 година.

Продолжува

1slavek1 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН