Сигурно Ахмети не доаѓа во нашите министерства за да контролира сè што потпишуваме и правиме. Не сакам да бидам разбран дека и јас прејудицирам, дека не почитувам презумција на невиност. Да оставиме да се докаже, одговара во интервју потпретседателот на ДУИ Бујар Османи на прашањето дали со случаите против Артан Груби (ставањето на „црната листа“ на САД и истрагата за случајот „Лотарија“), всушност, директно е таргетиран лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Османи за „360“ на МРТ истакнува дека моќта и влијанието на Артан Груби доаѓало од позицијата што ја имал, а не од блискоста со кого било од партијата. Вели секој има лична одговорност при вршењето на одредена функција.
-За ’црните листи’ немам коментар. Ги прифаќаме, сметаме дека се добронамерни. Сметаме дека тоа е инвестиција и во ДУИ. Затоа бараме закон за рестриктивни мерки. Во однос на ова со Лотарија, барем тоа што го читаме дека водел седница на Влада, се поставуваат преседани што ќе ги парализираат сите следни раководители односно тие што ги водат седниците на Влада бидејќи нема правна сигурност. Ако за водење колективно тело се сноси одговорност, барем тоа што го пишува по медиумите… Ако има други докази, ќе се докаже во правна постапка, смета Османи.
Прашан зошто по сигналите и информациите што подолг период доаѓаа до раководството на партијата со сугестии да се оградат од Артан Груби, лидерот Али Ахмети остана глув, Османи одговори дека тоа прашање е за Ахмети – како одлучува и ги бира своите соработници.
-Повторно ќе кажам дека тоа што кој било министер, директор, носител на јавна функција прави во институциите што ги раководи, апсолутно не може да се поврзе со некаква блискост со г. Ахмети. Вие знаете дека тој никогаш немал егзекутивна позиција, иако имал можност да бира каде. Никогаш не прифатил, затоа што тој е политичар што ги води стратешките правци на политиката, рече тој.
На прашањето дали сега вицепремиерот Изет Меџити бил во право заедно со т.н. огнена група во ДУИ кога бараше Ахмети да се дистанцира од Груби, Османи рече дека јасно е оти „огнената група“ била борба за превласт во блискоста до Ахмети.
-Може да каже, бидејќи ако поврзете повеќе точки во една фреквенција, секогаш ќе добиете конспиративна теорија. Јасно е дека „огнената група“ беше борба за превласт во блискоста до Ахмети. Тоа е мој став. Можат да се лутат и колегите што се вратија, но тоа беше – кој ќе биде во Владата, на некој начин. Иако и јас имав забелешки на начинот на кој Груби функционираше во партијата, меѓутоа тоа го канализирав на начин што е институционален, на начин на кој можам да имам влијание, рече Османи.
Неговите забелешки за Груби биле „во однос на монополизирање на одредени функции кои повеќе произлегуваат од карактерот и од амбицијата, без забелешки дека тоа било злонамерно“.