Муцунски во Брисел на средби во Европарламентот и на Министерски состанок на НАТО

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денеска до 4 декември, ќе престојува во работна посета на Брисел на средби со европратеници и ќе учествува на редовниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.

Како што соопштија од Министерството, во рамки на посетата, предвидено е Муцунски да се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент, како и да оствари средби со известителот за Северна Македонија, Томас Ваиц, известувачите во сенка за земјава, Матеј Тонин (Словенија, ЕПП) и Тајс Ројтен (Холандија, СиД).

Во фокусот на разговорите, се посочува, ќе биде потребата од забрзување на евроинтегративниот процес на државата, со акцент на спроведувањето на реформите, како и нашата посветеност на исполнување на критериумите за членство.

Воедно, Муцунски ќе земе учество на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што ќе се одржи во седиштето на Алијансата во Брисел, на 3 и 4 декември 2024-та година.

Согласно агенда, на состанокот е предвидено министрите да се осврнат по повеќе важни прашања поврзани со актуелните безбедносни предизвици, со фокус на јужното соседство на Алијансата, за актуелните состојби во Украина и безбедносни предизвици за Европскиот континент, како резултат на руската воена агресија во Украина кои имаат големи импликации за Евроатлантската безбедност, како и за статусот на имплементација на одлуките донесени на самитот на НАТО во Вашингтон, а во функција на подготовките за самитот што ќе се одржи следната година во Хаг, Кралството Холандија.

На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари повеќе билатерални средби со своите колеги министри, стои во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.