Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ во Рим, Италија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денеска, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим каде учествуваше на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ и се обрати на панелот „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Медитерански дијалог“, појаснуваат оттаму, е годишна конференција на високо ниво за медитеранска геополитика, организирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и ISPI (Италијански институт за меѓународни политички студии). Нејзината цел е да се преиспитаат традиционалните пристапи кон медитеранската област и да се адресираат заедничките предизвици на регионално и меѓународно ниво.

Во обраќањето, министерот Муцунски ја потенцирал посветеноста на Владата за исполнување на реформската агенда и финализирање на европското досие. Нагласил дека е потребно поблиско вмрежување и интеграција на нашата држава во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен, како и зголемена интеракција со земјите од Европската Унија. Муцунски, меѓу другото, истакнал дека Република Северна Македонија, преку својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, придонесува за стабилноста на Југоисточна Европа, промовирајќи европски вредности, добрососедски односи и регионална соработка.

Муцунски, исто така, нагласил дека геополитичките реалности, како војната во Украина и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ја нагласуваат потребата од колективни решенија кои ги надминуваат индивидуални напори на поединечни држави. Муцунски ја истакнал важноста на поврзаноста на Северна Македонија со Европа и поширокиот Медитеран, особено преку Коридорите VIII и X, дел од новиот Европски транспортен коридор за поврзување на Југоисточна и Централна Европа.

Дополнително, тој го посочил потенцијалот за обновливи извори на енергија, кој ја позиционира нашата држава како лидер во зелена транзиција во регионот.