Филипче: Следува нов почеток и пресвртница во делувањето на СДСМ

 СДСМ денеска во Скопје го одржува 30. конгрес на кој ќе се донесе одлука за избор на новиот состав на Централниот и Надзорниот одбор на СДСМ и избор на заменик претседател/ка на СДСМ.

Пред партиските делегати претседателот на партијата Венко Филипче истакна дека денешниот Конгрес е пресвртница во опозициското дејствување на СДСМ, нов почеток и борба и надеж дека партијата може да се врати таму каде и е местото, на победнички патеки. Посочи дека во изминатите пет месеци се сретнал со многу луѓе, дека со многу критики се согласува и оти советите на сите добронамерни луѓе ќе бидат водилка за новото раководство, но дека никогаш нема да прифати и да подлегне на оние кои потајно сакаат СДСМ да не го биде, кои шират дефетизам и го парализираат опозициското делување.

-СДСМ нема да се откаже, тоа треба на сите да им биде јасно. Напротив, СДСМ ќе го биде и СДСМ ќе се врати посилен. Оваа партија не е ничија лична сопственост. Ниту на Бранко, ниту на Заев, ниту на Владо, Радмила, Димитар, а најмалку моја, рече Филипче додавајќи дека СДСМ не смее и нема никого да заборави. Ќе соработувам, рече тој, со сите за да се спротивставиме на лошите политики на власта. За СДСМ нема друга алтернатива, потенцира Филипче, освен да ги помине и овие опозициски премрежија, да се издигне и да се врати уште посилен.

Лидерот на СДСМ рече дека не е политички наивен и дека знае на што се нафатил. 

-Застанав на чело на партија која на последните парламентарни избори доживеа огромен, историски пораз. Пораз кој ја клекна партијата на колена. Но, поразот не е крај – тој е шанса за нов почеток. Шанса за освестување и обнова и таа шанса мора да ја искористиме, додаде Филипче.

За поразот, смета тој, не треба да се шминка реалноста ниту да префрла одговорност секој на секого и оти е праведно конечно сите во партијата да прифатат од различен агол дека сите се виновни.

– Точно е, некој повеќе, некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на довербата на граѓаните. Причините за оваа лоша состојба се повеќеслојни, рече Филипче.

Наведе дека заради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО Алијансата, напорите за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ, решавање на отворените прашања со соседите, Владите на СДСМ ја занемариле ефикасноста во обезбедување на сервисните функции на државниот апарат. 

– Точен е впечатокот дека ЕУ и НАТО не се мачкаат на леб. Граѓаните сакаат функционална држава која испорачува конкретни резултати. Не за пет, не за десет години, туку сега и веднаш! Граѓаните не чекаат ветувања – тие чекаат дела. Сметам дека не смееше да дозволиме речиси целата енергија да ја насочиме на евроинтеграциите, но и тие да бидат оправдување за неиспорачување на дел програмата и ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните, нагласи Филипче. 

Истовремено, смета тој, „дозволивме едно од најчувствителните историски прашања за македонскиот народ, спорот со Бугарија, да ги преклопи и сите добри работи и реформи што ги направивме“. Филипче не смета дека се правени стратешки грешки, и посочи дека СДСМ направиле тешки жртви, а двајцата негови претходници, Зоран Заев и Димитар Ковачевски ја жртвувале својата политичка кариера за денес да сме членка на НАТО и да имаме започнато преговори со Европска Унија. Таквата посветеност, според Филипче, не била наградена со очекуваната мера, иако се бореле Македонија да биде поставена на светската мапа и оти во тоа уапеале.

Како причина за поразот, вели дека е и сервилноста кон коалициските партнери, кои според Филипче, ја злоупотребиле нивната широчина, демократски капацитет за владеење и посветеноста за искрена инклузивност во работењето на сите нивоа во Владата.

-Од ова искуство треба да извлечеме една силна важна поука. Никогаш повеќе СДСМ не смее да биде во подредена положба или на штета на сопствениот рејтинг да ги одржува политичките коалициите, рече тој.

Потоа, смета дека владите на СДСМ не се справиле до крај со криминалот и корупцијата на нивните претходници, но и некои функционери и во нивните Влади со задоволство прифатиле „многу лоши навики кои режимот“ ги оставил во наследство.

Побара сите случаи на корупција и прекршување на законите да бидат третирани од страна на надлежните државни институции, во објективна, непристрасна и независна постапка и исто така беспоговорно да се почитува начелото на пресумпција на невиност, а секој криминал кој ќе биде докажан во фер и праведна постапка, да биде санкциониран.

-Никој не е недопирлив! Тоа важи и за нас, но да бидат сигурни овие од власта што се закануваат, дека ќе важи и за сите сегашни функционери на владејачката коалиција, рече Филипче.

Едно да е јасно, потенцира тој, селективна правда и политички прогон нема да дозволат.

– На оцрнувања на нашите членови и функционери кои чесно работеле, а ВМРО-ДПМНЕ ги плука во нивните режимски медиуми, остро ќе се спротивставиме, рече Филипче.

Една од причините за сегашните состојби во партијата, смета тој, е што тие ја изгубиле солидарноста односно заборавиле или не посветиле доволно внимание на многу членови кои во одредени временски периоди биле на браникот на СДСМ, и тоа во многу тешки времиња.

-Секој кој ќе биде дел од партијата и од раководните структури е поставен на таа позиција да им служи на граѓаните и на членовите на СДСМ. Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја. Додека сум јас претседател, тоа нема да го дозволам затоа што тоа ја уништува сржта на нашето постоење, потенцираше Филипче.

Затоа, во одредена смисла имал разбирање за претпазливоста и скептичноста на одредени сопартијци но уверува дека многу брзо ќе ги убедат дека знаат да се издигнат над предизвикот и дека може да се искоренат сите лоши навики кои ја мачат партијата. 

СДСМ и тој, како што кажа, се особено горди што Радмила Шекеринска ја доби честа да биде првата дама од Балканот која ќе ја извршува должноста втор човек на НАТО.

– Радмила е симбол на интелигенцијата, политичката мудрост и визионерството кое го краси СДСМ од неговото основање. Нејзиното именување за заменик генерален секретар на НАТО е уште една потврда дека СДСМ е секогаш на вистинската страна на историјата, носејќи го товарот на најважните историски одлуки за иднината на Македонија. Ова е и потврда за македонскиот национален идентитет кој само ќе јакне и ќе се етаблира во светски рамки, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ истакна дека новото раководство на СДСМ  ќе биде исправено пред голема одговорност – да ги разобличи лагите, популизмот и опасните политики на актуелната власт. Според Филипче, Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што ги изневерила очекувањата на граѓаните, туку и ја турка Македонија во нова ера на режимско владеење.

– Добиваме режим во ново руво. Во моментов се случува партизација на институциите која е без преседан. Секојдневно сме сведоци на брутална чистка во која се заменуваат професионалци со партиски послушници. Ова се прави дури во клучните сектори како безбедноста и полицијата, но и секаде во администрацијата. ВМРО-ДПМНЕ систематски планира да ја уништува независноста на судството, да го заробува медиумскиот простор преку создавање на атмосфера на страв, измислени дестабилизации и поделби, рече тој.

Секој пат кога Владата ќе направи катастрофален потег или ќе се соочи со скандал, кои се секојдневие, смета Филипче, премиерот Мицкоски фрла медиумски бомби за да го одвлече вниманието.

– Од вештачки кризи, до пласирање стравови за „надворешни и домашни непријатели“, власта игра на картата на поделби и заплашувања. Македонија не заслужува ваква неодговорна власт која постојано нè „спасува“ од непостоечки опасности додека реалните проблеми се натрупуваат, рече тој пред делегатите на конгресот.

Додаде дека секогаш кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, криминалот царува, а подземјето ги диктира политиките. Мицкоски, рече Филипче, продолжува дома да проповеда „горд отпор“ и „национално достоинство“, додека пред европските политичари ветува дека ќе ги исполни сите услови.

-Ваквиот двоен аршин не само што го подрива кредибилитетот на Македонија, туку ја прави земјата заложник на неговиот политички калкулус. ВМРО-ДПМНЕ историски секогаш бил кочничар на напредокот, а оваа гарнитура не е различна. Додека се прогласуваат за големи „Европејци“, нивните дела говорат спротивно. Македонија е заглавена на патот кон ЕУ поради недостигот од акција на оваа влада. Наместо да ги продолжат преговорите, блокираат клучни реформи и ја користат европската перспектива за дневно-политички поени, рече Филипче.

Претставниците на власта, рече тој, упорно се трудат и сакаат да го минимизираат оствареното во евроатлантските интеграции и ги обвинуваат дека тие ги предале националните интереси.  

-Да се потсетиме. Со истата жестина како што во опозиција го напаѓаа Преспанскиот Договор, ја напаѓаа и Времената спогодба од 1995, за во 2009 да им стане врвна дипломатска придобивка и главен аргумент во пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. Исто како што сега на Христијан Мицкоски Преспанскиот договор му стана ремек дело на европската дипломатија, рече Филипче. 

Навраќајќи се на НАТО Самитот во Букурешт во 2008, рече тој, дека прифатиле ново име на државата, а ја обвинуваат СДСМ дека го предале името. -Не случајно нашиот народ вели: Волкот влакното го менува, но ќудот не. Тие се истите лицемери кои се себеси се нарекуваат „народни“, а никогаш немаат храброст да го подметнат грбот во клучните моменти за државата. Секогаш бегаат од одговорност и се кријат во своите комфорни зони. Биле и ќе останат политички кукавици, рече Филипче. 

Претседателот на СДСМ зборуваше и за новата програма на партијата, за која кажа дека солидарност, правда и еднаквост е основата на нивните заложби. – СДСМ влегува во новото време со јасна визија: да ги врати основните принципи на социјалдемократијата како темел за промени во Северна Македонија. Солидарноста е нашата сила и таа е во сржта на нашата визија, рече тој.

Фер економија е основа на нивните економски политики, а благосостојбата на работниците е нивно мерило за успех. Во време на глобални несигурности, нивен приоритет е да обезбедат стабилност за нашите граѓани. Членството во ЕУ не е само цел, туку пат кон подобар живот.

– Членството во Европската Унија е стратешка определба на СДСМ и клучна алатка за трансформација на Северна Македонија во модерна, праведна и напредна држава, рече Филипче.

Денес, додаде тој, СДСМ станува и продолжува да се бори за своите идеали. – Ова не е само борба за политичка власт; ова е борба за вредностите што ја дефинираат Македонија како модерна, праведна и напредна држава, рече претседателот на СДСМ.

На 30. Конгрес на партијата присуствуваат 536 делегати од 626 односно, 85 отсто. Тука се и претставници на други опозициски партии НСДП, ЛДП и други.

Обраќајќи им се директно на делегатите Филипче им порача дека тие се срцето и душата на оваа партија, дека СДСМ не е само лидерите, функциите или стратегиите, како и дека ова не е време за обесхрабрување, туку за акција. 

-Ги повикувам сите наши членови – од најновите до најискусните, од младите до ветераните – да застанеме рамо до рамо. Вашите идеи, вашата енергија и вашиот глас се силата што ќе нѐ води кон победа. Не дозволувајте никој да ве обесхрабри или да ви каже дека не можете да направите разлика. Вие сте клучниот фактор кој ќе го врати СДСМ на победничкиот пат, рече Филипче.

Испрати повик и до сите оние кои одлучиле да ја напуштат партијата, до оние кои можеби се разочарале или се повлекле дека е време да се обединат.