Премиерот Христијан Мицкоски ја пречека пред Владата претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е во официјална посета на државава во рамки на турнејата низ шесте земји од Западен Балкан.
Во моментов во Владата се одржува тет-а-тет средба помеѓу премиерот Мицкоски и претседателката на ЕК Фон дер Лајен, по што ќе се одржи билатерална средба помеѓу двете делегации.
По состанокот ќе се одржи заедничка прес-конференција на премиерот Мицкоски и претседателката Фон дер Лајен во Владата.
Според најавите, за време на посетата на Скопје Фон дер Лајен ќе има средба и со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен на регионот, Европската комисија вчера ги одобри реформските агенди на Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан, со кои ти се обврзуваат на социо-економски и фундаментални реформи што ќе ги спроведат во периодот од 2024 до 2027 година за да поттикнат раст и поврзување со ЕУ. Одобрувањето на реформските агенди беше клучен чекор за да се овозможат исплати на средства во рамки на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, чија вкупна вредност е шест милијарди евра.
Како што информира вчера заменичката на главниот портпарол на ЕК, Аријана Подеста, токму Планот за раст, како и напредокот на европски пат на земјите од Западниот Балкон ќе бидат главни теми на средбите на Фон дер Лајен со нејзините домаќини за време на турнејата низ регионот.
cbyxtb