Македонија2025: Секое решение за името треба да се согласно Уставот

Македонија2025 денеска излезе со став во врска со прашањето за името. Потенцираат дека Република Македонија е суверена земја и оти затоа, го поддржуваат пристапот на сегашната и минатата влада дека „секое спогодбено решение кое не го компромитира националниот идентитет и јазикот, треба да биде доследно и согласно со Уставот на Република Македонија“.

– Разбираме дека решението за потенцијална промена на името на земјата е поттикнато од Европската Унија (ЕУ) и други странски влади, кои сакаат земјата да исчекори напред од овој застој во однос на решавање на името, во кој земјата се наоѓа изминативе три децении. Исто така, веруваме дека тежнеењето за пристап кон ЕУ и НАТО е многу важно, но не по секоја цена, се посочува во соопштението од Македонија2025.

Како економска организација Македонија2025 потенцира дека само едно достигнување или решение на едно прашање, нема да овозможи економска благосостојба за македонскиот народ.

– Економски развој веруваме дека може да донесат напорна работа, одлучност, зголемена трговија и инвестиции, искоренување на корупцијата, чесен и независен судски систем и најмногу од се единство меѓу луѓето, се наведува во соопштението.

Владата на Македонија, како што се посочува, е избрана од и за народот на Република Македонија и истата треба да води сметка и да ги претставува интересите на македонските граѓани, без разлика дали тие живеат во земјата или во други држави.

– Затоа, Македонија2025 ги повикува сите Македонци да се фокусираат на креирање на добра економска клима, во која домашните и странски компании, како и претприемачите, ќе бидат мотивирани да продолжат да инвестираат во Македонија. На оваа високо конкурентна глобална сцена, земјите мора да понудат добра бизнис клима и политичка стабилност за да постигнат економски развој, потенцираат од организацијата.

Македонија2025 како организација останува на располагање на земјата за, како што се наведува, да фасилитираме дијалог и да дадеме поддршка во остварувањето на овие важни цели.

Македонија2025 е независна, невладина, непрофитна, неполитичка организација чија цел и единствена мисија е да продолжи со поттикнување, промовирање и зголемување на економскиот напредок за сите луѓе кои живеат во Република Македонија, како и да помогне во градењето на посилна нација.

Од организацијата посочуваат дека нивно цврсто верување е дека ниту една група, ниту пак личност не треба да им кажуваат на другите луѓе кои се или што се.

– Сите луѓе, вклучувајќи ги и Македонците, треба да го уживаат основното човеково право на самоопределување, стои во соопшштението од Македонија2025.