Унгарскиот премиер пристигна во Охрид, во владината делегација 10 министри

Унгарскиот премиер Виктор Орбан попладнево пристигна во Охрид каде утре ќе има тет-а-тет средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Орбан, како што информираат владини извори, е пристигнат со бројна делегација во чиј состав се и 10-тина министри.

Според агендата, утре по средбата на двајцата премиери, ќе се одржи меѓувладина седница по која Мицкоски и Орбан ќе одржат заедничка прес-конференција. 

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета, предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид. 

Во Охрид се забележува засилено полициско обезбедување. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ денеска и утре ќе биде забрането запирање и паркирање возила, а додека се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум. 

Во Охрид се преземени сите неопходни мерки за безбедно и непречено движење на владините делегации предводени од премиерите на Северна Македонија и Унгарија.

Орбан доаѓа во земјава по 10-тина години откако во 2013 година беше одликуван со Орден „8 Септември“  за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.