Вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски денеска излезе со реакција по серијата критики од страна на бугарски политичари, во врска со неговата изјава за непоставувањето на македонското знаме на неофицијалната средба меѓу претседателите Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев минатата недела во Софија.
-Би сакал да реагирам во однос на последната хистерија која што ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари. Имено, непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалку мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија. Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари кои што, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал кој што го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија, нагласува Николоски.
Додава дека нивното занимавање со земјава всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, а уште помалку да напредува кон ЕУ.
-Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема. Секако ние нема да го дозволиме тоа и јас нема да дозволам кој било да бара изговори во мои изјави или што било друго што се случува во Македонија. Всушност, самото тоа што се вадат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик, вели Николоски.
Тој нагласува дека останува позади она што го кажал, а тоа е дека „е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува“.
-Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Сиљановска Давкова како претседател на Македонија. Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивни долгогодишен сон. Ние сме јасни кои сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој македонски јазик различен од сите останати јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба на никого да се докажуваме. А, оние кои што сакаат поинаку да ја читаат историјата, се политичари од деветнаесетиот, а не политичари од дваесет и првиот век, потенцира Николоски.
Тој и со порака до како што рече, оние политичари кои што бараат оставка од мене.
-Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизии. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал мие е што добрите односи помеѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза. И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот претседател, вели Николоски во реакцијата.
Додава дека токму ог горенаведените причини таква е и неговата реакција и нагласува дека ќе продолжат и тој и ВМРО-ДПМНЕ да ги бранат македонските национални интереси.
-Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на ЕУ, да го изоди патот кон ЕУ, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси. Ние ништо туѓо не бараме, ама сакаме да го заштитиме нашето, истакнува Николоски.
Денеска на изјавата на Николоски реагираше лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов. -За речникот што го користат има само едно оправдување – оставка на тој министер, а доколку не го направат тоа, ниту претседателот, премиерот, министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив, изјави Борисов коментирајќи ја изјавата на Николовски, кој во телевизиско гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска – Давкова и Румен Радев, рече „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации. Помизерни од нив се само нашите домашни слуги“.
Борисов во одговор на новинарско прашање смета дека македонските власти постапиле подло со бугарскиот претседател и министрите кои се сретнале со нив, и рече „Владата во земјава е формирана неодамна, па затоа можеби не се запознаени со државниот протокол“.
– Мислам дека постапија подло со претседателот, со министрите кои се сретнаа со нив, најдобронамерно, тоа не можам да го одречам. Навистина тие се од неодамна во Владата во Северна Македонија и работите околу протоколите не му се јасни на државниот протокол. Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив, рече Борисов.
Со реакции и лидерот на Има таков народ и поранешен шоумен, Слави Трифонов, кој на својот Фејсбук-профил објави дека треба да се истакне дека посетата на претседателката Сиљановска-Давкова кај Радев била неформална и дека во тој случај од никого не се бара да постави знамиња.
-И при официјалната посета на македонскиот премиер на Република Хрватска исто така немало македонски знамиња, туку само хрватски. Но, за ова ниту еден Македонец не кажа ништо. И сега да го цитирам дотичниот Николоски, кој, ословувајќи нè домаќини, го кажува следното: Домаќинот очигледно не е цивилизиран, ако сакаат, нека испратат протестна нота на тоа што го кажувам. Домаќинот не е ниту цивилизиран, ниту пристоен, ниту има почит, па ситуацијата е таква каква што е. Помизерни од нив се само оние слуги кај нас што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат. Истите луѓе што потпишаа дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не признаеме дека сме Бугари и имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам, вели тој.
Неговиот сопартиец Станислав Балабанов коментирајќи го телевизиското интервју на Николовски во Народното собрание рече дека политичарите во Северна Македонија нема да ја видат Европската унија со вакво однесување, нагласувајќи дека не разбира зошто бугарските политичари се револтирани, кога истите тие пред неколку години го укинале ветото за земјава.
Реакции претходно за како што се наведува, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Република Северна Македонија имаше од Кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев и Министерството за надворешни работи во Софија.
– Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на Владата на Република Северна Македонија (РСМ) не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака во односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали. Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, каква што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и Република Северна Македонија на 13 септември, очигледно во голема мера вознемири одредени кругови во владата на Северна Македонија. За „цивилизираноста“ на новата влада на РСМ допрва ќе се оценува според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе им се спротивстави, како и од способноста да ги почитува меѓународните договори и нејзината вистинска посветеност на имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во Европската унија (ЕУ). Приклучувањето кон обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати, се наведува во соопштението од прес-службата на претседателот Руме Радев.
Од бугарското МНР, пак, во реакцијата обвинуваат за неиспровоцирани неевропски реакции од Скопје во кои, како што велат, Софија не сака да учествува.
– Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на функционери од Република Северна Македонија, категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив со добро воспитен тон. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации, кои имаат за цел да го нарушат дијалогот. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија, стои во реакцијата на бугарското МНР.