Мицкоски: Протестна нота денеска ќе му биде врачена на бугарскиот амбасадор

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев била повикана да се слика без македонското знаме. 

– Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Ние, нагласи, сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии ,тогаш ќе мораме да интервенираме. 

Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

– Имаше реакција од Кабинетот на претседателката и таму стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано. Во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите што загинаа во Бугарија, не сакавме да создаваме тензија. Но добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш тоа беше убаво и европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме, рече Мицкоски.

За работата на Мешовитата комисија со Бугарија очекува разговорите да продолжат во духот на пријателството и добрососедство.

– Очекувам објективно да се преговара и да се разговара. Тоа се процеси кои траат со децении. Имаме такви примери во Европа. Секоја избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тие избрзани одлуку можат да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух членовите на комисиите од двете страни ќе разговараат, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.