Средба на собраниската Комисија за уставни прашања со Делегација на Сојузниот уставен суд на Германија

Повеќечлена Делегација на Сојузниот уставен суд на Германија, составена од судии, соработници и експерти, меѓу кои и Рајнхард Прибе, денеска во Собранието на Република Северна Македонија, остварила средба со претседателот Африм Гаши, како претседател на Комисијата за уставни прашања, и со други пратеници од ова работно тело. 

Како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата се дискутирало за духот и поставеноста на Уставот на Северна Македонија, за донесените измени во изминатите близу 33 години, за структурата и изборот на членови на Уставниот суд во земјава. 

Исто така биле разменети мислења и за потребните реформи во правосуството и за надградување на принципите на владеење на правото и првната држава, како дел од  клучните критериуми во процесот на евроинтеграци. 

Претседателот Гаши, во својство на претседател на Комисијата за уставни прашања, го поздравил присуството на Делегацијата од Сојузниот уставен суд на Германија, истакнувајќи дека нашата земја, како се уште млада демократија, треба постојано да црпи искуства од поразвиените демократии и од своите пријатели во Европската Унија. 

Осврнувајќи се на односите меѓу двете земји, Гаши оценил дека Германија е голем пријател на Северна Македонија и е меѓу најголемите поддржувачи за остварување на нашите стратешки цели, како што се веќе оствареното членство во НАТО и очекуваното пристапување во ЕУ, стои во соопштението. 

Претседателот Гаши го истакнал и значењето на т.н. „Извештај на Прибе“, односно на препораките содржани во него, за зајакнување на контролната функција на Собранието на РСМ, преку јакнење на парламентарниот надзор над безбедносните и разузнувачки служби. 

Присутните споделиле информации дека од донесувањето во 1991 година, Уставот на Северна Македонија е менуван осум пати, со 36 амандмани, вклучително со измените предвидени со Рамковниот договор во 2001, а потоа и со Преспанскиот договор. Во однос на поставеноста на Уставниот суд, било посочено дека треба да се подготви посебен закон за Уставниот суд, со појасни критериуми за избор на судиите и евентуално да се предвиди уставна жалба и тужба.