Бела куќа: Путин да престане да зборува за американските избори

Рускиот претседател Владимир Путин треба да престане да зборува за претстојните претседателски избори во САД, изјави денеска портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

– Путин треба да престане да зборува за нашите избори. Тој не треба да фаворизира никого на кој било начин, рече Кирби.

Путин претходно денеска изјави дека Русија ќе ја поддржи демократската кандидатка Камала Харис на претседателски избори што треба да се одржат во ноември во САД.

Говорејќи на пленарната сесија на Источниот економски форум во Владивосток, Путин истакна дека Камала Харис има „заразна насмевка“, наведувајќи го ова како причина за руската поддршка за неа, а не за нејзиниот републикански противник Доналд Трамп, јави рускиот весник „Известија“.