Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници од организацијата Обединети Македонци од Канада

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска примила претставници од организацијата Обединети Македонци од Канада.

На средбата, на која присуствувале претседателот на ООМК Ристо Дурловски и секретарот Драги Стојковски, претседателката Сиљановска Давкова била информирана за тековните активности и цели на организацијата и за нивното делување во насока на застапување на интересите и потребите на македонската заедница во Канада.

Во таа насока, соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, претставниците на организацијата ја запознале претседателката на државата со нивните активности за зачувување и промоција на македонската традиција, култура и јазик, како и за нивните постигнувања и успеси во различни области во канадското општество, преку кои придонесуваат за позитивна афирмација на татковината и јакнење на релациите меѓу двете држави.

Претседателката  Сиљановска Давкова ги истакнала нејзините заложби за негување и продлабочување на односите со македонските иселеници, посочувајќи дека тие се важен сегмент за севкупниот развој на нашата држава и неопходно е да изградиме трајни врски преку соработка, отворање на бизнис-можности, пренос на знаења и инвестиции. 

– Соговорниците разменија мислења и за прашањата од национален интерес, коишто ги засегаат и македонските иселеници, како и за нивната улога во економскиот и демократски развој на земјава, се наведува во соопштението.