Николовски од Белград: Затоплување на политичките односи и подобрување за економската соработка со Србија

Зборувавме за политичка и за економска соработка, секако за затоплување на политичките односи и за подобрување за економската соработка, зголемување на трговијата, на трговската размена, отворање на што повеќе работни места и во Македонија и во Србија за компании кои што работат и во Македонија и во Србија, изјави вицепремеирот и министер за транспорт Александар Николовски, кој денес во Белград со заменик претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како што јави дописникот на МИА, оствари средба со претседателката на Собранието, Ана Брбнабиќ и со министерот за надворешна и внатрешна трговија Томислав Момировиќ.

-Денеска сме во официјална посета на Република Србија. Мoжам да кажам дека Мaкедoнија и Србија оддржуваат доста блиски односи, а со формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ тие односи и релации уште повеќе ќе се подобрат затоа што се работи за два пријателски, два братски народи кои што треба да имаат најдобри односи и најдобра соработка, кажа Николовски.

На средбите разговарано е за подбрувањето на инфраструктурата, пред се во делот на Коридор 10 и изградбата на брзата пруга.

-Знаете дека една од главните заложби на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и моја лична како потпретседател на Владата и министер за транспорт е изградба на брза пруга Скопје-Солун која што треба да се надоврзе на брзата пруга која што веќе постои од Солун до Атина и исто така на брзата пруга Белград – Будимпешта – Виена, а се надевам дека во најбзро време Србија ќе ја изгради брзата пруга Белград – Ниш-Скопје и на тој начин Македонија да биде поврзана со возови што се движат со 200 km на час и поврзана со Централна и Западна Европа на брз и квалитетен начин. Во исто време да се развива бизнисот затоа што ќе се отворат две големи пристаништа кои природно гравитираат кон Македонија, а тоа е Солунското и пристаништето Пиреа во Атина, изјави Николовски.

Македонската делегација покрај средбите со претседателката на Собранието Брнабиќ и со министерот за внатрешна и надворешна трговија Момировиќ, ќе има средба со министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, со министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, а вечерва е закажна средба и со претседателот на Владата, Милош Вучевиќ.

Николовски додаде дека во следниот период „договараме посета на Владата на Србија во Македонија, а за скоро време и очекуваме да се воспостави една соработка на одржување на заедничи седници на македонската и српската влада”.