ПАУЛ БАЗЕЛ (ТУПУРКОВСКИ) – ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ НА МПЦ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО (10)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Малкумина од македонските иселеници во Торонто не го познаваа Паул (Павле) Базел (Paul Bassil) (Тупурковски). Тој беше истакнат македонски иселеник од егејскиот дел на Македонија, успешен бизнисмен во ресторанската дејност, дружељубив, ведар по дух, влијателен во канадското општество и, се разбира, со чиста македонска душа

Без сомнение, бизнисменот Базел се вбројува меѓу еден од основоположниците на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“, прв нејзин потпретседател, повеќе години член на Управата, значаен донатор и виден претставник на македонската заедница.

Со Павле и неговата сопруга Зорка, авторот на овој текст, Славе Катин, имаше безброј пријатни средби и размена на мислења. Меѓутоа, последната наша средба ја искорис-тивме за разговор со нив за минатотото во Беломорието, за почетоците во Канада, за сегашноста и за иднината на македонската заедница во метрополата Торонто.

Средбата беше срдечна, пријателска и другарска меѓу двајца познати и пријатели од пред повеќе од триесеттинa години. Разговаравме за прашањата и проблемите сврзани со Македонија, со македонскиот народ и воопшто за македонското иселеништво, кое во последните децении бележи видни резултати во бизнисот, културното и општественото живеење во новите средини.

Павле Базел бил роден на 10 јули 1908 година во селото Ошчима, Леринско, во егејскиот дел на Македонија. Неговиот татко Васил, по кого е крстен неговиот внук Васил Тупурковски-Циле, го убиле османлиите уште како млад, затоа неговата мајка Султана била принудена да се грижи за своите деца, најстариот Спиро, малечкиот Мичо и сестрите Велика, Сандра, Елена и Илинка. Неговата мајка Султана ја имала сличната судбина како и нејзиниот сопруг Васил и таа била убиена, ама од германските војници во текот на Втората светска војна.

Паул Базел останал во родното место до 1930 година, кога поради настанатата општествено-политичка ситуација на тој дел од распарчена Македонија, заминал кај својот брат Спиро во Торонто. Таму го започнал својот нов живот, во нови услови и ги поставил темелите на семејната светла иднина.

Паул Базел се занимавал со ресторански и со прехранбен бизнис во текот на целиот негов живот. Така, уште во почетокот се вработил кај некој негов роднина во централното градско подрачје на Торонто. Меѓутоа, во 1937 година, со позајмени пари од свои блиски отворил свој ресторан. Тогаш, како партнер со неговиот брат Спиро Базел и роднината Питер Аргирис го отворил „Ресторанот на Базел“ (Bassil’s Restaurant) на улиците Блур и Батрст. Угостителскиот објект бил лоциран во градското подрачје на метрополата Торонто и претставувал еден од најпосетените ресторани во период од петнаесетина години.

Кога се пишува за Паул Базел треба да се нагласи дека тој биле основач на „Канадската ресторан асоцијација“, а со тоа во 1965 година бил делегиран во „Toronto Emergency Measures Association“; бил еден од основачите на „St. Alban’s Boys Club“, член на  „Тhe Masonic Order“ еден од основачите на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ и нејзин прв потпретседател. За неговите заслуги како член на Канадско-македонската заедница македонската влада му додели златен медал.

Исто така, тој бил еден од најактивните членови на Спомагателното друштво „Ошчима“,  кое било основано во 1905 година и е едно од најстарите друштва, организирани од Маке­дон­ци­те од Егејска Македонија во Канада. Како основна причина за формирањето на ова друштво во тоа време, била заемната помош на своите членови, посебно прифаќањето на новите доселеници од селото.

Овој доблесен патриот и честит Канаѓанец од македонско потекло (особено неговиот брат Спиро) во времето пред и по Втората светска војна духовно припаѓаше на прогресивната група Македонци кои се бореле за самостојни македонски организации и црковни општини. Така, тој бил член на Канадско-македонскиот центар, на Клубот на пензионерите.

Затоа Павле постојано велеше дека животот им е добар на пензионероте во Канада, во нивната втора татковина, на која ñ благодарат, што особено за оние од Беломорска Македонија, кои не ги уживале основните човечки права во родната земја, тука им се дадени сите услови и се рамноправни со другите нации.

Паул Базел почина на 28 јануари 1991 година во Торонто. Тој со сопругата Зорка имаа три деца и тоа: ќерките Стар и Тања и на синот Марк. Неговата сопруга Зорка Базел (Погончеф), пак, е родена на 5 декември 1921 година во Софија, Бугарија од татко Јанко и мајка Султана родени во селото Загоричани, Костурско. Нејзините родители имале дуќан во Истанбул, меѓутоа, во текот на Балканските војни тие биле протерани во Бугарија. Потоа, во 1919 година нејзиниот татко заминал за Канада, а во 1924 година целото семејство се преселило во Канада, во градот Нијагара. Во новата средина Зорка го завршила образованието од петгодишна академска програма и специјална бизнис- програма. Таа била една од понапредните младинки, несекојдневно за доселениците, која и се занимавала со спорт и била член на Одбојкарската женска екипа на Онтарио. Се омажила за Паул Базел во 1942 година, кога и се преселила во Торонто. Во новата средина како партнер на Паул, со широки визии и познавање, таа била десната рака во бизнисот.

Во исто време била една од најактивните Македонки во заедницата. Меѓу другото, Зорка била благајник на Одборот за помош на поплавените во Скопје пред земјотресот, како и на Комитетот за помош на Македонија по земјотресот во Скопје во 1963 година. За нејзините заслуги, заедно со сопругот Паул добила неколку признанија.

Зорка Базел волонтерски работела во „Канадскиот мултикултурен консултативен одбор“, а била член и на „Тhe Folk Arts Council of Metropolitan Toronto“ и на „Тhe Liberal Women’s Commission“, а од 1991 година е активна во „Канадско-македонското историско друштво“ од Торонто.

Паул и Зорка Базел беа едни од најактивните во времето кога се формираше Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Во тој период македонското црковно прашање и формирањето на Македонската православна црква беше  предмет  и  цел на дискусии, полемики, расправии, па и напади на црковни­те институции на соседните земји и пошироко.

Исто така, одредени кругови и поединци на православните цркви на соседните зем­ји, како да го заборавиле и сопствениот пат на стекнување на самостојност и право на своја православна народна црква. Се премолчува осумвековното постоење на Ох­рид­ската архиепископија чие основно јадро, од нејзиното формирање до нејзиното не­законско укинување, ги претставувало христијаните од сите делови на Македонија.

Меѓутоа, силната желба, љубов и почит кон родната Македонија и Црква, на Паул и Зорка помогнаа да се добие дозвола за изградба на македонска црква. Имено, брачната двојка Базел, како и неговиот брат Спиро имаа влијание во власта на провинцијата Онтарио и во градот Торонто како заслужни Канаѓани од македонско потекло што беше искористено да се добие дозвола за изградба на Македонска православна црква.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *