КИРИЛ СТОЈАНОВСКИ И АТАНАС ПОПОВ – ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ СВЕШТЕНИЦИ ВО КАНАДА (12)

ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА Катедралниот храм „Свет Климент Охридски” во Торонто е прва македонска православна црква изградена во Канада и е дело претежно на Македонци од егејскиот дел на Македонија. Имено, по Втората светска војна и пред тоа, најголемиот број Македонци во Канада беа од Беломорска Македонија доселени главно во провинцијата Онтарио. Ова прво македонско светилиште во Канада што им служи на сите православни македонски христијани е изградено со силен жар, напор, ентузијазам, патриотски дух и љубов кон Бога и кон Македонија. Вистината за создавањето на оваа македонска православна општина и градбата на црковниот храм „Свети Климент Охридски-Чудотворец” наиде на отпор кај непријателите. Оваа акција беше нарекувана антигрчка, антисрпска и антибугарска, дури имаше обиди да се нарече и како антирелигиозна. Меѓутоа, праведноста и Божјата волја победи и црквата се изгради. Значајни датуми за духовното живеење на Македонците во Торонто се секако, Илинденски пикник што Националната организација „Обединети Маке-донци” го одржа на 29 јули 1962 година, кога се одлучи да се формира  црковна општина, како  и 7 авгут 1962 година кога се  донесе одлука за изградба на храм што ќе го носи името „Св. Климент Охридски”, што ќе ги потсеќа на древниот Охрид.. На тие свечености, покрај големиот број посетители присуствуваше и тогашниот злетовско-струмички епископ, митрополитот Наум, кој на 12 август истата година, за првпат изврши богослужба на македонски мајчин јазик и прво крштевање. Потоа, на 5 април 1964 година беше поставен камен-темелникот на црквата, а на 18 април 1965 година беа предадени клучевите на новата Македонска православна црква „Свети Климент Охридски”, кога првиот архиепископ охридски и македонски г.г. Доситеј, во сослужение со митрополитот г. Кирил го изврши чинот на осветувањето. На сите овие свечености беше присутен и сослужуваше свештеникот Кирил Стојановски. Тој беше првиот свештенослужител во Канада кој започна да ги држи службите на македонски народен јазик, разбирлив за Македонците од сите делови на етничка Македонија. Со тоа се потврди вистината за ова прво македонско светилиште од Бога да биде благословено на тие демократски канадски простори, со цел да не се заборават спомените од Македонскиот Ерусалим – Охрид, древниот град на свети Климент Охридски – Чудотворецот. Свештеникот Кирил Стојановски како пастир на македонската православна црква „Свети Климент Охридски” во Торонто беше цело време со својот македонски народ, кој се радуваше со крштевките и венчавките на тоа Свето место, а тагуваше и се молеше за покој на душите. Со благослов на Мајката црква и на Светиот архиерејски синод на МПЦ, свештеникот Стојановски беше свештенослужител две години во Торонто. Инаку свештеникот Кирил Стојановски е роден на 29 април 1904 година во Прилеп и потекнува од македонско православно семејство. Богословско училиште завршил во Битола, во првата генерација во 1925 година. По завршувањето на богословијата бил ракоположен во свештеник и потоа оди на служба прво во Прилеп, а потоа во Скопје, каде и останува до крајот на животот. Во текот на бурните времиња меѓу двете светски војни како свештенослужител бил во натрапничките Српската и Бугарската црква. При крајот на ослободителната војна се вклучил во помагањето на Народно – ослободителното движење и заедно со други свештеници стана еден од членовите на Народно – ослободителниот одбор на Скопје. Подоцна се повлекува и се оддава на црковното и на црковните работи. Заедно со свештениците Методиј Гогов (подоцна архиепископ на МПЦ г.г. Михаил) и Никола Апостолски, свештеникот Кирил Стојановски беше во Иницијативниот одбор, кој ја форсираше линијата за обова на Македонската автокефална црква, на што остана до возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Поради неговата исправност кон македонското дело и кон Македонската света православна црква, во 1962 година, заедно со тогашниот  Злетовско-струмички епископ, митрополитот г. Наум беше првиот црковно-национален мисионер во Торонто, кога на 12 август истата година прв пат извршија богослужба на македонски јазик и прво крштевање. Тоа беше настан што остана во сеќавање и е запишан со големи букви во историјата на црквата „Свети Климент Охридски” во Торонто. Протојерејот Кирил Стојановски е прв парох во црквата „Свети Климент Охридски”. Тој остана времено во оваа црква до 1965 година, кога беше заменет со свештеникот Атанас Попов. Во текот на неговиот период е осветена црквата и се преземени бројни активности што претставуваат основа за натамошно црковно, културно-просветно, национално, духовно и друго живеење на Македонците од сите делови на разделена Македонија, кои вложија и време и пари и труд во првиот македонски црковен храм „Свети Климент Охридски” во Торонто. Втор свештеник во црквата „Свети Климент Охридски” беше протаставрофорот Атанас Попов. Тој е роден во 1908 година во селото Горно Дупени, во Преспа и потекнуваше од богато селско семејство. Богословија завршил во Битола во 1929 година и беше еден од првите македонски свештеници. По ракоположувањето за свештеник шест години бил на работа во парохија во Кичево, а потоа се враќа во Битола, каде бил свештеник во поголем број македонски православни цркви. Свештеникот Атанас Попов, беше еден од поистакнатите свештеници на МПЦ. Тој беше еден од поборниците за автокефалноста на Македонската православна црква. Беше член на разни црковни органи и во раководството на Здружението на свештениците во Република Македонија. Учествувал на повеќе црковно-народни собори каде се поставени темелите на обновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Во текот на повеќегодишниот период во Канада, протаставрофот Атанас Попов како парохиски свештеник постигна завидни резултати. Со неговиот добар однос со луѓето, со неговата мудрост, интелектуалност и духовност, остави убав впечаток и како свештеник и како човек – македонски мисионер. Тој беше поборник да се зголеми бројот на членовите во црквата, да се започнат бројни активности на црковно, културно, просветно и национално поле во црквата „Свети Климент Охридски“. Свештеникот Атанас Попов кој беше добар пријател на авторот на овие редови Славе Катин, беше иницијатор за покренување на списанието „Духовна искра”. Тој беше еден од организаторите на бројни манифестации од различен карактер што значеја афирмација на Македонците во Канада и Соединетите Американски Држави. Почина во Битола во 1991 година, но неговото име и дело оставија длабоки траги во историскиот развој на Македонската православна црква и кај Македонците во Канада. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *