Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството, порача Мицкоски по средбата со Дамева

Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. Отворена е за идеи, кои доколку се подобри од владината програма би ги примениле, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

-Ние излеговме со став дека се потребни коренити промени во судството, но не го мислиме само ние тоа, го мислат и граѓаните бидејќи според сите мерења на јавното мислење, довербата на граѓаните во правосудните органи е катастрофално ниско. Ако немате правна држава, ако немате владеење на правото, ако немате обвинители и судии кои што обвинуваат по закон и Устав, тогаш ќе немате ниту економска безбедност, а кога ќе немате економска безбедност ќе немате ниту економска активност, ќе нема буџетот приходи онолку колку што се потребни за да имаме развој, а ако немате развој ќе немате среќни граѓани, среќни компании и нормално е да тие се разочараат и така разочарани да ја напуштаат Македонија. Тоа е суштината на целиот овој систем. Ние се ќе напрваиме да ја донесеме парвдата, не смее да има граѓани од прв ред, не смее да има граѓани од втор ред, малкумина од прв ред кои се заштитени, не смее да има елита, туку мора сите да се подеднакви пред законите и Уставот, рече Мицкоски по средбата.

Тој нагласи дека средбата била по нивно барање, за како што вели, да ги слушнат нивните предлози во однос на реформите, при тоа потсети дека од него и Владата имаше повици до експертската јавност и до институциите да достават предлози за заеднички да го реформираат правосудството.

-Ние си стоиме на нашиот став, на нашата Програма, но сакаме да слушнеме и доколку добиеме подобри идеи, се разбира дека тие идеи и ќе ги примениме, тука не треба да има никаква тајна, вели Мицкоски.

Тој уште еднаш ја подвлече важноста за владеењето на правото особено за безбедноста на државата.

-Ако немате владеење на право, ако немате правна држава, ако имате високо ниво на криминал и корупција тоа е безбедносен пороблем. Ние како Влада по Устав и по закон имаме основна задача да ја заштитиме државата и граѓаните доколку се појави безбедносен проблем. За нас невладеењето на правото, криминалот, корупцијата, елитите се безбедносен проблем за нашата држава и ние како Влада мораме да реагираме. Ова е период кога ќе го поминеме во собирање предлози и идеи и потоа ќе излеземе пред јавноста со конечна позиција за тоа како ги гледаме реформите. Нормално, ние си стоиме на ставот за распупштање на тие институции, за кои зборуваме целиот овој период, не очекуваме брзи резултати, но очекуваме напредок, со кој што ќе го превенираме овој безбедносен проблем кој што ни се случува поради тоа што немаме владеење на право, а имаме висок степен на корупција, нагласи Мицкоски.

На средбата премиерот Мицкоски со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, бил присутен и министерот за правда Игор Филков.

Средбата следи по бројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба и отворениот повик на Владата за предлози за реформи во Судскиот совет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *