ОСУМНАЕСЕТТО ПОКЛОНЕНИЕ ВО ЧЕСТ НА 1100 ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО 1979 ГОДИНА (37)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „40. ПОКЛОНЕНИЕ ПРЕД ГРОБОТ НА СВ. КЛИМЕНТ ФИЛОЗОФ ВО РИМ“ ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА – АНТИЌ, СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН И ВИКАРНИОТ ЕПИСКОП ХЕРАКЛЕЈСКИ КЛИМЕНТ

Единствено во Рим тече постојана река на посетители, кои можат во сите четири годишни времиња да ги разгледуваат монументалните уметнички галерии, споменици од минатото, низ улиците, на плоштадите, во центарот и периферијата на градот. Овој музеј и единствена светска галерија има свој центар, најпосетениот уметнички паметник – црквата „Свети Петар”.

До неа е сместен и Ватикан, со не помалку значајните експонати, канцеларии, голема библиотека. Овде некаде беше и центарот на одржаниот Интернационален славистички конгрес. На славистичкиот конгрес учествуваа научници-слависти од словенски и несловенски земји. Македонската делегација ја сочинуваа четворица научни работници: акад. Петар Илиевски, проф. Радмила Угринова-Скаловска, проф. Вера Стојчевска-Антиќ и д-р Наум Целаковски.

Во аулата на Универзитетот „Урбанизам”, каде што се одржуваше Конгресот, беше поставена изложбата „Македонска книга“, којашто се состоеше од 200 книги. Насловите се однесуваа на областите: историја, литература, култура, јазик, уметност и наука. Во оваа аула славистите разговараа, ги минуваа паузите од работата и имаа можност да добијат претстава за македонската издавачка дејност. За одредени наслови постоеше и поголем интерес.  Конгресниот комитет изрази благодарност за подарените книги, коишто ќе останат во трезорите на ватиканската библиотека.

Во секцијата литургија-култ-археологија, проф. Јижи Марија Весели говореше за современите културни дострели во Македонија, базирани врз традицијата. Посебно се осврна на значењето на култот, на поширок план, во којшто го вклучи дејствувањето на браќата Кирил и Методиј. Со длабочината на културниот култ, засведочен во Македонија, треба поблиску да бидат запознати европските и другите народи.

Како продукт на браќата се појави плодотворниот Климент Охридски, Охридската книжевна школа во Охрид и Македонија. Преку неговото дело кирилометодиевскиот култ продолжи да живее и да се шири и надвор од Македонија. Весели посебно ги истакна специфичностите на Славените, кои не се зародиле во новата татковина. Свети Кирил и Методиј ним им дале многу културни продобивки, но и тие самите не почнале тогаш од нултата точка. Тој истакна дека на градот Охрид му претходела долговековна културна традиција.

Учесниците на Конгресот ги посетија гробовите на значајните христијански проповедници и мисионери, меѓу кои и на свети Петар и на свети Кирил.

По повод 1100-годишнината од смртта на свети Методиј во повеќе словенски и европски центри се одржаа разновидни манифестации и изложби. Во Рим покрај Славистичкиот конгрес, беше отворена изложба од копии на македонски фрески од средниот век (IX-XIII) во уметничката галерија „La Pigna”. Изложбата траеше од 5 до 19 октомври и ја посетија голем број посетители, и домашни и странски.

За оваа изложба посебен свој придонес даде проф. Јижи Марија Весели, во соработка со Републичката комисија за културни врски со странство од Скопје.

Ве чест на прославите на свети Кирил и Методиј во Рим беа приредени повеќе изложби. Меѓу нив треба да се апострофираат изложбата на средновековните македонски икони и изложбата на новопронајдените теракотни икони од Виница, коишто ги подготви д-р Коста Балабанов.

Во јубилејната 1985 година во Болоња (од 20 декември до 12 јануари) беше отворена изложба на фотографии од Ристо Шапкар, од македонските фрески од IX до XIII век, по повод соработката меѓу Република Македонија и регионот Емилија Ромања во Италија.

Чествувањата во Рим и Италија беа проследени и со заеднички научни собири, со предавања од повеќе научни области и во разновидни научни и културни институции, како и во цркви, уметнички галерии и сали.

Во јубилејната 1985 година беше снимен документарен филм во два дела во копродукција на Италијанската телевизија (РАИ) и Телевизија Скопје со наслов „Учениците на Методиј”. Филмот го режираше Роберто Алтамура од Рим, а сценариото го подготвија професорите Јижи Марија Весели, археолог од Универзитетот „Свети Томазо” во Рим и Вера Стојчевска-Антиќ од Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје. 

Од 13 до 17 јануари 1986 година, откако филмот беше реализиран, Вера Стојчевска-Антиќ, со уредникот на Телевизија Скопје – Васил Тоциновски, престојуваа во Рим за дефинитивното одобрување на филмот. По долги дискусии забелешките беа заеднички прифатени. Всушност, филмот се состои од три дела. Првиот дел е работен од РАИ, а вториот и третиот дел се снимени речиси целосно во Македонија, поточно во Охрид во 1985 година.

Рим

На приемот кај папата, по повод Интернационалниот славистички конгрес во знак на јубилејот за свети Методиј, проф. Вера СтојчевскаАнтиќ му беше претставена на папата Јован Павле II од страна на проф. Јижи Марија Весели. Разговараа околу реализираниот филм, за учеството на Телевизија Скопје, при што папата го изрази своето задоволство, бидејќи веќе го гледал филмот.

Во февруари 1985 година, по повод прославата од смртта на свети Кирил во Рим, на првата програма на РАИ се емитуваше триделниот документарен филм за браќата свети Кирил и Методиј и нивните ученици. Филмот беше прикажан и во други европски земји, во Република

Македонија, а посебен третман доживеа во Германија. Директорот на документарната редакција од РАИ, господинот Ѓузепе Лизи, изрази задоволство од заедничката работа и пројави интерес за нови остварувања. Филмот наиде на одѕив во информативните гласила во Италија и Македонија.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН