ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „40. ПОКЛОНЕНИЕ ПРЕД ГРОБОТ НА СВ. КЛИМЕНТ ФИЛОЗОФ ВО РИМ“ ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА – АНТИЌ, СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН И ВИКАРНИОТ ЕПИСКОП ХЕРАКЛЕЈСКИ КЛИМЕНТ
И во 1975 година, на 24 мај во Рим, во базиликата „Свети Климент Римски”, македонскиот народ и Македонската православна црква го прославија и му заблагодарија на свети Кирил Солунски, кој јазикот на нивните предци го удостои во писменото кажување и токму со тој јазик им даде можност на македонскиот и на сите словенски народи за писмено разбирање и молитви. А оддавањето почит и изразувањето благодарност за делото коешто двајцата Солунски браќа ги издигна на ниво на светители почна со пеењето на тропарот на светите Кирил и Методиј на македонски јазик.
На гробот на свети Кирил Солунски беше шефот на делегацијата на Македонската православна црква, митрополитот американско-канадски и австралиски г. Кирил, заедно со членовите: протојереј-ставрофор Методи Гогов и протоѓаконот Александар Цандовски. Во молебенот на гробот на свети Кирил Солунски, во базиликата „Свети Климент Римски” учествуваа протојереите-ставрофори Цветко Крстевски, архијерејски намесник од Прилеп, Дамјан Поповски, архијерејски намесник од Тетово, Кирил Николов, старешина на скопската црква „Свети Ѓорѓи” во Чаир и протојерејот Васил Поповски, парох при црквата „Света Недела” во Битола, како и хорот на битолската црква „Свети Димитриј”.
Крај гробот беа и претставници на повеќе понтификални просветни институции во Рим и мноштво поклоници од СР Македонија. Делегацијата од културата на СР Македонија ја сочинуваа г. Живко Василевски, републички секретар за култура, како шеф на делегацијата, а членови беа мецосопранот Милка Ефтимова , виолончелистката Душка Тасева и пијанистката Јасминка Чакар, кои, за разлика од претходните години, имаа мошне скромна програма за манифестацијата ,Денови на македонската култура” во Рим, што се одржа од 21 до 25 мај годинава.
Оддавањето почит на свети Кирил Солунски започна уште во горниот дел на црквата од Штросмаеровата капела, каде што се светите мошти на свети Кирил и од каде литијата тргна кон криптата, кон гробот на којшто државната делегација на чело со г. Живко Василевски и претставниците на двете југословенски амбасади во Рим положија венци и свежо цвеќе. По молебенот, митрополитот г. Кирил, на гробот на свети Кирил, во своето слово, меѓу другото, рече:
… Во историјата на секој народ има големи личности и предводници на судбоносни историски пресврти. Неспорно е дека ваквите личности за сите словенски народи се светите Солунски браќа Кирил и Методиј. Епохата на нивната самопрегорна апостолска дејност е од решавачко значење за сите натамошни постигнувања. Со тоа што ја создале словенската азбука и ги поставиле цврстите темели на народниот словенски бит и словенско христијанство, тие создале можност да се изрази се она што е специфично за нашата словенска индивидуалност. И не само тоа. Со својот позитивен однос кон она што е специфично словенско тие овозможиле натамошно развивање и индивидуализирање на одделните словенски народи. Во текот на вековите, во зависност од поднебјето, културно-историското наследство и своевидните влијанија се оформија повеќе словенски народи со своја своевидна самобитност и со своја физиономија.
На тој начин се доби изнијансираниот повеќестран личен израз на црковните и културните дејности во сите области. Секој словенски народ во текот на својата историја го удрил својот личен печат врз она што е општо и заедничко. Оваа тенденција се забележува уште во далечното минато – во продолжувачкото дело на најталентираните ученици на светите браќа и на нашите големи светители и просветители – охридските чудотворци Климент и Наум. Вакви ученици и последователи имале Светите Браќа кај сите словенски народи…
Веднаш потоа, старешината на базиликата „Свети Климент Римски”, отецот Лукас меѓу првите пристапи до митрополитот г. Кирил и рече: „Восхитен сум од начинот на кој му се заблагодаруваат чедата на Македонската православна црква на сесловенскиот светител и просветител”.
Својот престој во Рим делегацијата на Македонската православна црква го искористи и за контакти со високи претставници на Светата столица и голем број понтификални просветни институции. Така, делегацијата беше примена од кардиналите Шепар и Вилебрандс, кои појавија интерес за животот и работата на Македонската православна црква, Македонската православна богословија, за изградбата на Соборната црква во Скопје, како и за градбата на римокатоличката катедрала во Скопје. Кардиналот Шепар се интересираше и за одржувањето на Црковно-народниот собор на Македонската православна црква што се одржа во октомври 1974 година, како и за донесените одлуки и препораките во Резолуцијата.
Кардиналот Вилебрандс, пак, особено се интересираше за активноста на МОЦ во повоениот период и за суштествената разлика меѓу дејноста на националните православни цркви на балаканските народи во Македонија и дејноста што денес ја има самостојната Македонска народна црква. Притоа, митрополитот г. Кирил нагласи дека Македонската православна црква во овој период има можност да ги собира своите верници во татковината и надвор од неа во името на возвишените црковни идеали.
Сан Клементе во Рим
И овојпат делегацијата ги посети понтификалните просветни институции: Ориенталниот институт, Институтот „Русикум”,„Џуридичи” и Словачкиот богословски институт „Свети Кирил и Методиј”, со што беа збогатени разговорите од минатите средби. Особено беше интересна средбата во Институтот „Џуридичи” и разговорот со ректорот монсињор Кармело Нигро, како и со отецот Францис, кој во Рим дошол од централна Африка и кој подолго време се занимава со проучување на историјата на Македонската православна црква.
Двете делегации од Македонија, исто така, беа примени и од југословенскиот амбасадор во Италија г. Миша Павиќевиќ, кој приреди свечен прием по повод светикириловските свечености, на кој македонските уметници приредија концерт, а беа примени и од амбасадорот при Светата столица г. Стане Калман.
Годинава манифестацијата „Денови на македонската култура” во Рим имаше мошне скромна програма. Во присуство на двете делегации и претставниците на културниот живот на Рим, како и членовите на двете амбасади и пријатели на Македонија од Рим, Милка Ефтимова алт, првенка на Љубљанската опера, ја исполни познатата арија на „Орфеј” од истоимената опера на Глук „Што ќе правам без Евридика” и Хабанера од „Кармен” на Жорж Бизе, а Душка Тасева, професор на Високата музичка школа во Скопје ја исполни Сонатата за виолончело и пијано од Вивалди и Малата и Свитата за виолончело од македонскиот композитор Аврамовски.
Во разговорот со делегацијата на СРМ, амбасадорите на СФРЈ дадоа предлог оваа воспоставена традиција да се одржи и истовремено да се извидат можностите за нејзино прераснување во општојугословенска манифестација.
Блаже Конески: „Од историјата на јазикот на словенската писменост во Македонија “, изд. Македонска книга, Скопје 1975, стр. 141.
Овој труд на Блаже Конески, како што и самиот ќе каже во предговорот, претставува зборник од статии што го проследуваат „континуитетот на една писмена активност, со сите нејзини специфики, во смената на историските ситуации“. Според периодите што се проучуваат статиите се поделени во два дела: Стар период и Нов период.
Во „Стариот период” се поместени истражувања од историјата на јазикот на словенската писменост во Македонија од нејзиното создавање во втората половина на IX век, се’ до почетокот на XIX век. Во овој дел се вклопени статиите во кои се зборува за општиот развој на старата словенска писменост во Македонија; карактеристиките на македонската варијанта на црковнословенскиот јазик; зборот „боукарј” во апологијата на Црноризец Храбар; јазичните карактеристики на славата на Јоан Егзарх; црковнословенскиот јазик на фреските во Македонија; соопштението на Хоматијан во краткото житие на Климент, дека тој открил појасни букви и за варијантите на црковнословенскиот јазик во Македонија во првата половина на XIV век.
Во „Новиот перод” лингвистичкиот интерес е концентриран врз развојот на современиот македонски јазик. Таму посебно внимание им се посветува на состојбите во македонскиот јазик од XIX век до моментот кога беше создаден новиот литературен јазик. Во овој дел се застапени статиите: За некои црковнословенски елементи во усната традиција во Македонија во XIX век; Стихови на глас трпезечки (епитафот на К. Пејчиновиќ); За еден прилепски ракопис од средината на XIX век; Факторот на традицијата во развитокот на македонскиот литературен јазик; Односот на К. П. Мисирков спрема факторот на традицијата во развитокот на литературниот јазик; За некои појави во лексиката на македонскиот говор и писмен јазик; а на крајот се коментира појавата на македонскиот речник и работата врз истиот.
„Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија”.Четирите томови се појавија под уредништво на ВладимирМошин (1, Скопје 1975; 11, Скопје 1977; 111, Скопје 1980; IV, Скопје 1981),а петтиот том се отпечати под уредништво на Владимир Мошин и ЛидијаСлавева во Прилеп 1988 година.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН