ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА
Џим Џуглов (James Jugloff) беше првиот Македонец-славист во Канада и беше претседателите на МПЦ „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Тој беше роден на 17 октомври 1938 година во Торонто каде што заврши гимназија, а во 1961 година дипломира на Универзитетот во Торонто и стана славист со титула „Почесен лигвист“. Во 1965 година се ожени со Олга – Шпањолка по потекло, но со македонски манири, која целосно го поддржуваше Џим и го зголеми македонскиот род со четири синови: Андреја, Вангел, Јован и Павле.
Професор Џим Џуглов беше три мандата претседател на управата на МПЦ „Св. Климент Охридски“ кога и започна другарувањето меѓу Џим и авторот на овие редови, кој во тој период живееше во Торонто и беше член на управата на црквата. Џим работеше како советник во Одделот за образование на Онтарио, каде што беше многу ценет и како човек и како стручњак. Исто така, тој беше директор на Институтот за избор на студенти, а во средините на македонските иселеници високо почитуван.
Големиот канадски Македонец беше одличен оратор, за што многумина му завидуваа, беше другар, патриот и вљубеник во македонскиот јазик, со посебен однос кон леринскиот говор. Меѓутоа, судбината сакала да си поигра и во мај 1978 година се случи несреќа. Џим загина многу млад, на фармата на своите родители, кога најмногу им беше потребен и на семејството и на македонската заедница.
При еден престој во Торното го посетимве познатиот центар „Канадско – македонско место“, познато како „Старски дом“. Целта на нашата посета беше да се сретнеме со Вангел и Елена Џуглови, една од постарите македонски иселенички брачни двојки, кои ги минуваа старските денови во таа хуманитарна македонско-канадска институција. Ги посетивме овие познати и признати Канаѓани од македонско потекло заедно со свештеникот Јован Босеовски, ѓаконот Александар Цандовски и нивниот зет Џорџ Поповски, во едно попладне во нивниот апартман, каде што тие ги поминуваа нивните пензионерски и старечки денови.
Средбата беше срдечна, присна и со емоции како меѓу стари познаници и пријатели што датира од пред многу години. Уште од првите мигови се виде дека времето си го прави своето. Тие беа во одминати години, исцрпени, изнемоштени… Меѓутоа, живо се сеќаваа на минатото, на почетните години од печалбарските денови, за многу интересни настани што нив ги врзува со македонската заедница во Торонто, со Македонија. Долго разговаравме за нивниот пензионерски живот, за нивното семејство во Егејска Македонија и во Канада, кое доживеало многу успеси и падови, радости и жалости, со многу бурни, интересни, среќни и тажни настани.
Во разговорот неодминливо беше да се зборува за нивниот сил Џејмс (Џим) Џуклов, за човекот кој беше сакан и почитуван во семејството, во македонската колонија и во канадското општество. Со човекот со кој семејството Џуглови се гордееше, живееше со успехот, постигнувањата и со спомените за Џим и Катерина, кој за зал погинаја во несреќен случај.
Неговиот татко Вангел Џуглов потекнува од македонското село В’мбел, во Беломорска Македонија. Тој бил роден токму на Илинден во 1903 година, што со гордост го истакнуваше. Исто така, со голема радост зборуваше за своето историско родно В’мбел, кое се наоѓа на самата грчко-албанска граница, на надморска височина од околу 1300 метри. Во ова убаво македонско село, во Егејска Македонија кое сега е избришано од географската карта, во минатото живеело исклучиво македонско население, но селото наполно настрадало во текот на Граѓанската војна во Грција и не е обновено, туку неговиот атар денес се користи како пасиште на доселениците – просвиги (Турци со православна вероисповед) во селото Смрдеш. Својот роден крај Вангел го напуштил во 1927 година и заедно со една поголема група Македонци од тој дел пристигнал во Торонто, каде што и останал да живее, речиси цели 65 години.
Елена Џуглова, пак, е родена во 1915 година во Торонто. Татко ù бил Македонец од селото Зелениче, Леринско, а бил трговец во Цариград. Се оженил со Австријка, со која среќно живееле во Торонто, каде што се родила нивната ќерка. Елена имаше завршено гимназија во Торонто, а потоа се запишала на колеџ да го изучува францускиот јазик. Во 1938 година се омажила за Вангел, со кого во бракот го родила синот Џим и ќерките Катерина и Џенет. Судбината си поиграла со семејството Џуглови: со длабока болка на душата ги загубиле Џим и Катерина, а Џенет живее и работи во Торонто. Таа беше една од првите Македонки-студентки која преку тогашната Матица на иселениците од Македонија студираше македонски јазик заедно со авторот на овој текст на Универзитето „Свети Кирил и Методиј“во Скопје.
Апартманот на брачната двојка Вангел и Елена Џуглови во „Домот за стари лица“, каде што го водевме разговорот, беше исполнет со безброј семејни и други фотографии од минатото и сегашноста. Доминираа фотографиите од нивната златна свадба, што на свечен начин се одржала во 1988 година, а во присуство на бројни членови од семејството, пријатели и почитувачи на ова семејство.
Инаку, според капиталната монографијата „В’мбел“ чиј автор е Сократ Пановски, за време на Илинденско востaние (1903), селото е изгорено до темел од страна на Отоманите. Потоа, за време на балканските војни и Првата светска војна, голем дел од популацијата на ова чисто македонско село се иселила во другите балкански држави и прекуокеанските земји.
Во периодот меѓу двете светски војни селото трпи присилна грцизација, во понатамошниот период на Втората светска војна како и Граѓанската Војна во Грција (1946-1949) селото загубило многу жители кои загинале во борбите против окупаторите.
Според податоците на вљубеникот во родното место, Пановски, на 13 јануари 1948 година во црквата на с. В’мбел, Костурско, бил одржан Првиот конгрес на македонската национално-ослободителна организација НОФ. За време на Граѓанската војна во Грција (1946-1949), пак, селото било изгорено и тотално опустошено. Населението било присилно иселено во источно европските земји, а голем дел од населението замина во Република Македонија за време на шеесетите и седумдесетите години од минатиот век.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН