ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА
Името и делото на Спиро Сандерс е тесно поврзано со почетоците на првата Македонската православна црквата во Канада. Тој беше избран за прв претседател на црквата “Свети Климент Охридски”, која денес е стожерот на најголемиот број актив-ности што Македонците ги развиваат во Торонто и пошироко. Овој прв македонски храм претставува мотив повеќе за изразување на љубовта и почитта кон родната земја Македонија за најголем број Македонци, а во исто време црквата претставува македонски центар за идните македонски поколенијата во демократска Канада.
Времето во кое живееше и дејствуваше Атанас Близнаков во САД е мошне значајно за националната борба на македонските доселеници. Тој имаше слична, ако не и идентична судбина со голем број македонски афирматори – доселеници кои со макотрпно чекорење низ многубројните животни крстопати ќе го бараат своето нескриено чувство и желба за оддолжување кон сопствениот народ и својата татковина. Затоа, како многумина македонски доселеници, многу придонесе за националното осознавање на Македонците во САД во различни периоди на овој век, од ропството и делбите на Македонија, до формирањето на македонската самостојна и независна држава, Република Македонија.
Иницијативата за формирање на оваа македонска црковна општина и за нејзина изградба се роди на четвртиот Илинденски пикник што Националната организација „Обединети Македонци” го одржа на 29 јули 1962 година. Тоа беше израз на силната љубов кон дедовската земја, Македонија, која секој иселеник длабоко ја носи во своето срце. Повеќе од осум илјади Македонци од Торонто и од околните места се собраа на пикникот, а со тоа ја поддржаа иницијативата да се формира македонски дом кој ќе биде поврзан со родната слободна Македонија и ќе биде центар за сите Македонци од етничка Македонија.
Во историјата на црквата, 7 авгут 1962 година е забележан со златни букви, бидејќи тогаш се донесе одлука за изградба на храм што ќе го носи името „Св. Климент Охрид-ски”. Таа одлука беше донесена во „Желевскиот дом” во Торонто, сопственост на досе-леници од село Желево, Леринско. За прв претседател беше избран истакнатиот исе-леник Спиро Сандрс од истото село, а за потпретседатели беа избрани Коста Андрус и Павле Базел-Василевски (Тупурковски). Исто така, во управата влегоа и Питер Флоров, Дан Папас, како секретар, а Мајк Нешевич и Паул Џорџ беа избрани за благајници, додека во Надзорниот одбор беа вклучени: Џим Сандерс, Стево Тодоровски, Ван Петров, Виктор Паскалов, Џон Червенков, Благоја Тодоровски и Луј Мисиос.
Кога се пишува за Спиро Сандерс треба да се нагласи дека тој беше еден од големите патриоти и правдољубиви Македонци од егејскиот дел на Македонија, кого судбината го однела во демократска Канада. Тој беше и еден од првите личности којшто ја покрена иницијативата за формирање и за изградба на македонска црква во Канада која требаше да има тесни врски со црквата во слободниот дел на Македонија. Притоа, Спиро беше избран да ја води првата управата на денес соборниот храм „Свети Климент Охридски” во метрополата Торонто. Тоа го направи заедно со Одборот за изградба на македонска црква, бидејќи во тоа време постоеле само неколку македонско-бугарскати цркви во Торонто, изградени со средства на Македонци од егејскиот дел на Македонија, меѓутоа, водени од бугарски владика и свештеници, кои Македонците ги правеле Бугари. Затоа, Спиро со своите другари тоа неможеле да го поднесат и постојано разговарале за формирање чиста македонска црква.
Спиро Сандерс е роден во 1904 година во едно од најголемите села во Беломорска Македонија-Желево, Леринско, од кое најголемиот брпј жители, а нив, според некои податоци ги има и над пет илјади кои свиле гнездо во Торонто. Желевци стасале меѓу првите во Канада од кои има голем број познати бизнисмени, интелектуалци, уметници, допломати и видни граѓани во светот во различни области.
Желево е чисто македонско живописно планинско село сместено на патот Лерин-Костур. Таму, во планината Бигла, над селото, извира реката Бистрица што ја сече областа Корешта и се влева во Солунскиот Залив. Таа е планинска река исполнета со планински пастрмки, чија вода се користи за наводнување на зелените и сочни ливади и плодните ниви од двете страни во подножјето на планината.
Во текот на една наша посета на селото Желево, се соочивме во таблата на која на грчки и латиница пишува Андартикон. Инаку, Желево е големо македонско село и самостојна општина на Леринскиот округ. Расположено е покрај самиот пат што води од Костур за Преспа и друг крак кон Лерин. Според пишаните документи Желево се споменува како населба со околу 1200 жители и со над 250 куќи. Најбројно било во 1913 година со 1415 жители, за потоа тој број да почне да се намалува, во 1940 на околу илјада, во 1961 година има само 605 жители, а во 1971 година со 418 жители. Според кажувањата на мештаните, денес во селото живеат околу 300 жители.
Бројот на жителите покажува намалување поради големата емиграција меѓу двете светски војно кога повеќе семејства се иселиле во Битола, во село Породин, во Бугарија и во прекуокеанските земји. Во текот на Ѓраѓанската војна, пак, селото насилно го напуштиле околу 200 семејства кои се прибрале, главно во поранешна Југославија и во источо европските земји. Особено желевци се иселиле во Канада, во Торонто, каде има голема желевка колонија.
Вредните раце на желевци ги изградиле двете селски цркви: старата „Свети Никола”, што датира од 1713 година и „Свети Атанас”, што е од поново време, и на чии ѕидови се насликани живописни фрески од вредните раце на фрескописецот – мајстор Ѓорѓи и неговиот син Никола од Лазарополе. Ние го посетивме Желево попладне и ги видовме сите убавини на селото., а и разговаравме со повеќе жители, меѓу кои и еден брачен пар од Желево кој живее во Торонто. Средбата беше навистина срдечна, македонски, а се одржа во една од трите кафеани на двете страни на патот кон Лерин.
Во 1930 година Спиро дошол сам во Канада каде работел во ресторан. Неговата штедливост и чувство на домаќинска работа придонеле подоцна да стане и сопственик на ресторанот. Потоа во 1938 година ја повлекол својата сопруга со децата во Канада. Спиро почина во 1980 година во Торонто, каде му беше оддадена голема почит од семејството и бројни почитувачи на неговото име и дело во македонската колонија во Канада и САД.
Спиро Сандерс со успех ја изврши доверената должнот како прв претседател на првата Македонска православна црква „Свети Климент Охридски” во Торонто. До крајот на животот тој и неговото семејство останаа силни приврзаници, поборници и чувари на македонската вистина. Спиро Сандерс е добитник на признанија и награди, од кои најголема награда беше таа што членството на црквата „Свети Климент Охридски” му возврати со голема благодарност и почит на овој Македонец по потекло од Беломорска Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН