Земјите членки и ЕУ во целина се многу подобро подготвени да ги детектираат, спречат и да се справат со новите предизвици поврзани со владеењето на правото отколку пред пет години, се наведува во Извештајот за владеење на правото за 2024 година на Европската комисија, во кој годинава првпат се и четири поглавја посветени на случувањата во Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
– Вклучувањето на овие четири најнапредни земји во процесот на проширување во Извештајот за владеење на правото ќе ги поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идни земји членки, посочи Еврокомисијата.
Во овој петти годишен Извештај за владеење на правото, Комисијата денеска прави преглед на случувањата во владеењето на правото во земјите опфатени со него, како придонес за издржливоста на европските демократии, взаемната доверба во ЕУ, за добро функционирање на единствениот пазар и за деловно опкружување кое поттикнува конкурентност и одржлив раст.
– Од неговото прво објавување во 2020 година, Извештајот стана вистински двигател на позитивни реформи: две третини (68 отсто) од препораките издадени во 2023 година се целосно или делумно адресирани. Сепак, во некои земји членки постои систематска загриженост и ситуацијата дополнително се влоши. Овие грижи се опфатени во препораките од овогодинешниот извештај, наведува ЕК.
Инаку, во Извештај нема препораки за четирите земји од Западниот Балкан опфатени со процесот на проширување, бидејќи, според ЕК, тие се издаваат исклучиво во годишниот пакет извештај за проширувањето.
Во документот се посочува дека според истражувањето на Евробарометар, над 70 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека Унијата игра важна улога во одржувањето на владеењето на правото во нивната земја, а речиси 90 проценти мислат дека е важно сите земји членки да ги почитуваат основните вредности на блокот.
Дополнително, 51 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека се добро информирани за основните вредности на ЕУ и за владеењето на правото, што претставува зголемување во однос на 2019 години кога вакво мислење имале 43 проценти од анкетираните.
Извештајот вклучува анализа на ситуацијата во ЕУ во целина и како и во секоја од 27-те земји членки, како и оценка за исполнувањето на минатогодишните препораки, врз основа на што се наведени нови препораки.
Во Извештајот се дадени оценки за состојбата со националните правосудни системи, антикорупциските рамки, слободата на медиумите и плурализмот, како и други институционални проверки.
Во однос на реформите во правосудството се посочува дека тие биле високо на политичката агенда во текот на минатата година, при што многу земји членки ги спровеле ланските препораки и ги спровеле договорени реформи.
– Неколку земји членки иницираа или дополнително напредуваа со важни реформи за зајакнување на независноста на судството. Тие презедоа законодавни напори за зајакнување на независноста и ефективноста на судските совети, за подобрување на процедурите за назначување судии, вклучително и во однос на нивните највисоки судови, или за зајакнување на автономијата на обвинителските служби, се вели во Извештајот.
Во исто време, според ЕК, има и некои системски грижи во однос на независноста на судството кои опстојуваат, а се забележани и конкретни случаи на влошување.
Во извештај им се препорачува на земјите членки да се справат со предизвиците, како што се потребата од заштитни мерки во постапките за назначување судии, автономијата на обвинителството или потребата да се обезбедат соодветни ресурси за судството, вклучително и во однос на платите.
– Во земјите опфатени со процесот на проширување преземени се важни реформи, вклучително и на уставно ниво, за зајакнување на независноста на судството и квалитетот на правосудните системи. Сепак, треба да се направат понатамошни работи, особено во областите поврзани со функционирањето на независноста на судството и со назначувањето на судии, посочува ЕК.
Во делот посветен на корупцијата се наведува дека таа останува сериозна причина за загриженост на граѓаните и бизнисите во ЕУ.
– Од минатата година, земјите членки ја подобрија својата институционална клима за подобра борба против корупцијата, вклучително и со зголемување на ресурсите и капацитетот на службите за спроведување на законот, органите на прогон и судството, се наведува во Извештајот.
Сепак во него се посочува дека е потребна понатамошна акција за зајакнување на превентивните рамки, како што се оние што го регулираат лобирањето и судирот на интереси и правилата за декларирање на имот, како и да се обезбеди ефикасна истрага и гонење на случаите на корупција. – Во земјите опфатени со процесот на проширување беа зајакнати правните и институционалните напори, иако истрагите и гонењето на случаите на корупција треба дополнително да се засилат, проценува Комисијата.
Во врска со слободата на медиумите и медиумскиот плурализам се наведува дека неколку земји членки презеле конкретни чекори за подобрување на безбедноста на новинарите и работната средина по претходниот Извештај за владеење на правото, пред се врз основа на иницијативите на Комисијата, како што е Европскиот закон за слобода на медиумите, Директивата за спречување на тенденциозните тужби против новинарите и заштитниците на основните права и Препораката за безбедност на новинарите.
– Сепак, постои загриженост околу состојбите во неколку земји членки во однос на независноста или финансиската стабилност на јавните медиумски сервиси, транспарентноста околу сопственоста на медиумите, правото на пристап до јавните документи и транспарентното и правично распределување на државното рекламирање, се наведува во Извештајот.
Комисијата во документот дава неколку препораки за подобрување на состојбите во сите овие наведи области, особено за безбедноста на новинарите.
– Постојат предизвици во земјите опфатени со процесот на проширување особено во однос на транспарентноста на сопственоста на медиумите, независноста на регулаторите или јавните медиуми и безбедноста на новинарите, иако во некои од нив беа спроведени реформи за да се решат некои од овие прашања, заклучува Еврокомисијата.
Во Извештајот се посочува дека земјите членки на ЕУ продолжија да го подобруваат квалитетот на нивните законодавни процеси и да ги вклучуваат засегнатите страни во нив, некои од нив го зајакнаа и статусот и ресурсите на националните институции за заштита на човековите права, народните правобранители и другите независни органи. Во некои земји членки се регистрирани и иницијативи за зајакнување на правната рамката и за финансирањето на граѓанското општество.
– Сепак, во неколку земји членки остануваат предизвици поврзани со прекумерната примена на забрзани процедури или со севкупниот квалитет на донесување закони, како и во консултациите со засегнатите страни. Граѓанското општество и заштитниците на човековите права се повеќе се соочуваат со предизвици, законски ограничувања и напади, вклучително и системски ограничувања на нивните активности во одредени земји-членки. Ова е загрижувачки тренд кој веќе е забележан и во претходниот извештај, нагласува Европската комисија.
За надминување на идентификуваните недостатоци во Извештајот се наведени препораки поврзани со функционирањето на законодавниот процес, формирањето и функционирањето на независни органи и создавање соодветна средина за граѓанското општество.
– Во земјите опфатени со процесот на проширување остануваат предизвици во однос на системското следење на препораките на институциите на Народниот правобранител и другите независни тела. Забележани се и предизвици во однос на квалитетот на донесувањето закони и консултациите со засегнатите страни, се додава во Извештајот.
Еврокомисијата ги повикува Европскиот парламент и Советот на ЕУ да продолжат со генералните, но и со специфичните дебати за состојбите за одредени земји врз основа на овој извештај, како и националните парламенти, граѓанското општество и другите клучни чинители и актери да го продолжат националниот дијалог за владеење на правото со зголемен ангажман на граѓаните.
Воедно, Комисијата ги повикува земјите членки ефикасно да ги искористат можностите и да се справат со предизвиците идентификувани во Извештајот, при што изразува подготвеност да им помогне во нивните напори за спроведувањето на препораките.
– Комисијата ќе продолжи да го подобрува мониторингот и известувањето и да ги зајакнува контролите и рамнотежата, особено со следење на спроведувањето на препораките. За да се осигури дека Извештајот ги разгледува сите прашања поврзани си Европа, во него ќе биде додадена и димензија за единствен пазар. Ова ќе ги реши прашањата за владеење на правото што ги засегаат компаниите, особено малите и средни претпријатија, кои работат во повеќе земји, нагласува ЕК.
Во однос на земјите опфатени со процесот на проширување, Комисијата наведува дека ќе продолжи да ги следи идентификуваните проблеми, вклучително и во следните годишни извештаи за проширувањето.
Според потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност Вера Јоурова, владеењето на правото е суштината на европските демократии и на заштита на општите права.
– Без владеење на правото нашите демократии и економии би биле во хаос. Ние веќе пет години ја дизајниравме алатката за владеење на правото во согласност со нашите заеднички вредности и денес сме многу подобро опремени да се соочиме со предизвиците, истакна Јоурова, додавајќи дека изработката на овој Извештај поттикнува на постојан дијалог на ЕК со земјите-членки.
Според неа, овогодишниот Извештај покажува дека земјите членки го подобриле и зајакнале владеењето на правото, но дека сепак во некои од нив останува загриженоста во врска со неколку прашања.
– Ова значи дека уште повеќе треба да се работи за подобрување на независноста на судството, за ефикасна борба против корупцијата и за подобрување на безбедноста на новинарите и граѓанските организации, потенцира Јоурова.
Според еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, наодите во Извештајот посочуваат дека иако има позитивен развој, сепак се уште има простор за подобрување.
– Пет години по првиот Извештај за владеење на правото, ние сме подобро опремени за откривање, спречување и справување со новите предизвици за владеењето на правото. Видовме дека дијалогот може да помогне да се постигне важен напредок и токму поради тоа овој извештај има за цел да продолжи да служи како референца за иницирање дебати на национално ниво и помагање за поттикнување на националните реформски агенди, истакна Рејндерс.
Тој оцени дека зајакнувањето на владеењето на правото е континуирана работа за сите земји членки на ЕУ, но и на државите опфатени со процесот на проширување.
– Ги охрабрувам сите земји членки да продолжат да работат на спроведување на препораките, додаде еврокомесарот Рејндерс.
Комисијата нагласува дека овогодишниот Извештај е подготвени врз основа на целосно почитување на принципот на еднаков третман, при што при издавањето на препораките посебно внимание е посветено на задржување и зајакнување на европските стандарди во согласност со националните правни системи.
– Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија сега се вклучени во Извештај за владеење на правото, како одраз на напредокот постигнат во нивниот процес на пристапување, фокусирајќи се на унапредување на владеењето на правото. Овој пристап во иднина ќе ги вклучи и на другите земји од процесот на проширување, во зависност од нивниот напредок, нагласува Еврокомисијата.