Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители деновиве предизвика дискусија колку тоа ќе влијае на судската власт.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева смета дека не треба да има колективна, туку индивидуална одговорност која точно ќе биде детектирана и санкционирана.
– Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание на разни емоции и слично, вели Дамева.
Според неа, носењето на нов Закон за Судски совет може да има некои последици па, така, вели Дамева во периодот од распуштање до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, во кој постои опасност да застарат некои дела.
– Ако се оди на принципот на распуштање на Судскиот совет, јас се надевам дека пред сѐ ќе се почитува Уставот, а тој е јасен. Ако се размислува со промена на овој закон за Судски совет или донесување на нов Закон на Судски совет, немам сомнеж дека ќе биде во согласност со Уставот, но сакам да укажам дека ќе има одредени последици. Во период од распуштање на Судски совет до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, кој иако би бил краток од неколку месеци, сепак постои опасност да застарат одредени постапки, иницирани од граѓани за несовесно постапување на одредени судии, рече Дамева.
Доколку тие постапки запрат, Дамева посочи би настанало слична ситуација како со измените на Кривичниот законик каде голем број на обвинети беа амнестирани.
На Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет, што се одржа вчера во Скопје, беше нагласена потребата да се продолжи со брзи внатрешни реформи, како и да се потиснат обидите за мешање од страна на политичките структури, но и да се врати довербата на народот во судскиот систем.
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е директно мешање во независноста на судската власт и нагласи дека доколку тоа се случи ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската унија.
– Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството. Јасно е што треба да се прави, да се продолжи со брзи внатрешни реформи треба. Ова значи, како што реков, целосна имплементација на препораките од Оценската мисија, Патоказот за владеење на правото и Стратегијата за правосудниот сектор. Ова значи надградба на некои од позитивните колективни чекори на кои бевме сведоци во последните шест месеци и значи потиснување на обидите за мешање од политички или деловни интереси, рече Гир.
Американската амбасадорка Анџела Агелер во своето обраќање ја истакна важноста на Судскиот совет во трансформирањето на правосудството во земјава. Таа нагласи дека Советот е важно оружје кое што е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот.
– Ќе се согласите дека останува многу пред вас. Извештајот од Оценската ммисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно го опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска, истакна Агелер.
Судскиот совет, според Агелер, треба да го следи законот и даде отпор на политичките притисоци, затоа што, вели Северна Македонија има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.
– Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката јасна и не се менува. Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспорентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнаме да стигнете уште понапред на својот пат, рече Агелер.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, истакна дека иако е забележана зголемена видливост на дејствијата на Советот, односно пренос во живо на седниците и гласањето, неопходно е да се врати довербата на народот во судскиот систем.
– Неопходно е да се врати довербата на народот во судскиот систем, како што е случај во мојата земја, каде 80 отсто од луѓето му веруваат на судскиот систем, меѓутоа тука тоа е само 8 отсто. Ова е загрижувачки низок процент и тоа треба да се подобри и тоа брзо. Напредокот на Судскиот совет заслужува пофалба како што е докажано со практиката на Советот пред една година, каде што видовме како незаконски беше договорен претседателот, како и други загрижувачки активности како што беа сомнителното рангирање, гласање за кандидати за судии и претседатели на судови, рече Коп на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.