ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја зароби државата, улиците препуштени на криминалци

Социјалдемократскиот сојуз ја зароби државата, а улиците на Скопје ги препушти на криминалците.

Нарушена е безбедноста и граѓаните се чувствуваат несигурно.

Изминатиов викенд Скопје и Република Македонија, наликуваа на сцена од криминален филм.

Разбојничка кражба на казино со калашникови, разбојништво и одземени два ипол милиони денари од лице кое излегувало од банка од Аеродром, запалени автомобили, физички напад врз лица во Градски парк и уште десетици и десетици физички напади и нарушувања на јавниот ред се само дел од деликтите извршени во последните 72 часа. МВР не реагира. Ниту еден од овие случаи не е расветлен. Ниту еден сторител не е фатен.

МВР под водство на Оливер Спасовски е целосно нефункционална.

Криминалот царува, а полицијата е само набљудувач. Нема кафуле или дискотека кои не се на удар на рекетарските банди кои очигледно имаат поддршка од власта штом нема никаква санкција. Граѓаните не паметат кога МВР последен пат расветлиле некој  криминален случај.

Поминаа осум месеци по убиството на Дилавер Бојку од Струга, а убиецот се уште не е пронајден. Поминаа пет месеци по убиството на младиот Мартин Јанушев, а убиецот исто така е на слобода. Во Чаир како што знаете беше изрешетан Исмет Арифи, но повторно убиецот или убијците четири месеци се на слобода. Власта не ги гони убијците, ниту презема нешто посебно за нивно пронаоѓање.

Недозволиво е со месеци полицијата да не може да ги пронајде сторителите. Со самото неделување на МВР, полицијата испраќа сигнал до сите идни сторители на кривични дела, дека што и да направат тие може да останат неказнети, поради бавноста на постапувањето.

Социјалдемократскиот сојуз дополнително ја загрози безбедноста на нашите граѓани со амнестијата на насилници и лица осудени за разни видови криминал. Ние бевме сведоци дека дел од нив, веднаш по излегувањето од затворите почнаа да ги напаѓаат граѓаните што ќе им се најдат на пат.

МВР молчи и крие колку физички напади, кражби и разбојништва се регистрирани од изгласување на амнестијата. До денес МВР молчи и крие колкумина од амнестираните стојат токму зад овие дела. МВР молчи заради тоа што мора да се прикрие цената што ја плаќаат граѓаните за коалицијата на Социјалдемократскиот сојуз со криминалот.

Оливер Спасовски ја претвори МВР во нефункционална институција. Записници од увиди од кражби и сообраќајки се чекаат повеќе од 6 месеци.

Полициските станици кои што се надвор од Скопје подолг период се нефункционални и не можат да излезат на терен бидејќи има недостаток на гориво за возилата.

Институциите се нефункционални и не ја извршуваат работата која согласно закон се должни да ја извршуваат.

Почитувани,

Ова е епилогот од 10 месечното владеење  на  Социјалдемократскиот сојуз.

Граѓаните на оваа земја заслужуваат функционална полиција, а не кабинет на министерот кој уценува и рекетира со посебни истражни мерки.

Социјалдемократскиот сојуз ни ја зароби државата, ги злоупотребува институциите и ги гази законите. Нашите граѓани заслужуваат подобро.