Актуелниот пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој е кандидат за вицепремиер и министер за транспорт и врски во новата влада, е роден на 24 март 1984 година во Охрид.
Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” Скопје на Отсекот за политички науки, каде е кандидат за магистер по политички науки и меѓународни односи.
Николовски бил пратеник во Собранието од 2006 до 2016 година, како и од 2020 година досега. Бил член на Националниот совет за евроинтеграции, Анкетната комисија за утврдување на околностите за загинувањето на претседателот Борис Трајковски, на комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за надворешна политика и за европски прашања, како и претседател на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Бил на позициите потпретседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (2015 – 2017), на Комитетот за политички работи и демократија (2016-2017) и на Комитетот за спроведување на обврските и заложбите на земјите членки (2014-2016) на Советот на Европа.
Претходно, од 2002 до 2004, бил секретар на ФРЕСТА програмата за невладини организации и меѓуетнички дијалог на југо-источна Европа, а од 2000 до 2002 претседател на Средношколската унија на Македонија.
Во биографијата во компјутерски вештини ги наведува Windows, MS Office, macOS, а од странските јазици одлично познавање на англиски и напредно на француски јазик.
Добитник е на наградите Европски млад лидер 40 под 40 највлијателни личности во Европа за 2022 и Пријатели на Европа (Friends of Europe) официјален избор на Европска Унија.