ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ АПРИЛСКИОТ БР. 66 НА СПИСАНИЕТО „ПОВОД“ОД СИДНЕЈ

ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ априлскиот БР. 66 НА СПИСАНИЕТО „ПОВОД“ОД СИДНЕЈ

Списанието „Повод“ е едно од најзначајните иселенички информативни гласило. Тоа го издава Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, во чија редакција:се: Душан Ристевски-Македон (главен и одговорен уредник), Иван Трпоски, Мена Ристевска и соработниците: Виктор Бивел (Сиднеј), Гордана Димовска (Мелбурн), Ристо Стефов (Канада), Александар Донски и Славе Катин (Македонија). Технички уредник и дизајнер е Александар Донски.

Македонското литературно друштво (МЛД) „Григор Прличев“ од Сиднеј го објави априлскиот бр. 66 од списанието „Повод“ кое е наменето за литература и култура и кое успешно ги промовира македонскиот јазик, литература, култура и македонската заедница во демократска и мултикултурна Австралија.

Новиот број на сисанието „Повод 66“ на насловната страница ја содржи фотографијата на поетесата Оливера Јовановска од Австралија. Таа е родена на 21 јули 1970 година во Битола, Македонија. Од 1986 година живее и работи во Мелбурн. Таа е автор на стихозбирките „Неостварена љубов” (2020), „Магични љубовни зборови” (2021), „Одмрзнати чувства” (2022) „Слушни го срцето” (2023), „Време безвремено” (2023), на збирката раскази „Талкање низ соништата” (2024) и на романот „Лавиринт на Вистината” (2021) кој е издаден на македонски, англиски, руски и албански јазик. Истовремено е застапена во повеќе од 30 антологии на поезија и проза. Оливера е добитник на повеќе признанија во Македонија и Австралија. Некои од нејзините песни се изведувани од познати македонски интерпретатори. Доделена и’ е „Цветинова награда за мир“ и прогласена е за Амбасадор на мирот. Исто така Оливера е член на МЛД „Григор Прличев” од Сиднеј и на МЛД „Кочо Рацин“ од Мелбурн, како и на фондацијата „Такец“ од Битола.

Во продолжение на овој број на списаниетo „Повод“,проф. д-р Виолета Ачкоска ја претставува рецензијата за стихозбирката „Секојдневниот ореол“ од поетесата Оливера Јовановска, која неодамна во издание на Литературното друштво „Григор Прличев“ се издаде во Мелбурн. Инаку, Оливера Јовановска е македонски творец кој долги години работи и живее во Мелбурн, градејќи мостови на убавиот пишан збор помеѓу татковината Македонија и мултикултурна Австралија.

Во рецензијата проф. д-р Виолета Ачкоска за новото дело „Секојдневниот ореол“ на Оливера Јовановска, меѓу другото пишува дека пезијата и прозата на поетесата симболизира високо издигнат ореол и зрачи со творечка вдаховеност и љубов, кое до полн израз доаѓа во нејзината најнова збирка поезија. Збирката „Секојдневниот ореол“ е глас на совеста за подобар и почовечки свет, поезија за одболувани рани на откорнатите, бунт против несовршеностите на човекот и светот во кој живее и начин на нејзина борба против сето она што го скрнави лицето на татковината и што го турка човекот на дното од ниски страсти – алчноста, зависта, злобата. Низ стиховите се прелева жедта за еден висок божествен ореол со исчистени човечки души – во самиот човек, во семејниот круг и во татковината, но и подготвеност до последниот атом да се бори за вистинските вредности: чесност, љубов, патриотизам.

Во продолжение е дадена песната „Слугинка на Божјата дарба“ од Оливера Јовановска, и текст за пеомоцијата на Алманхот бр. 3 на тема „Поезија за Македонија“, што беше промовиран по повод денот на поезијата, на 20 март 2024 во Скопје.

Значаен простор е посветен на текстот „За македонскиот јазик и џинот од Небрегово“ од психијатарот – д-р Иван Г. Тулевски, во кој е забележано: „Покрај соседските негирањa на македонскиот јазик, тој најмногу се обезвреднува во нашата земја. Во секојдневниот говор, во службените и други документи и текстови и во средствата за јавно информирање недоволно се користи македонскиот литературен јазик. Честа е употребата на странски, претежно англски зборови и фрази. Во поново време како во секодневниот говор, во бројни документи и во средствата за јавно информирање се употребуваат придавките „истите“ и „самите“ при што избегнува членувањето или употребата на заменки. (Тој почна да се нервира од долгото чекање. Истиот почна да се нервира од долгото чекање. Учениците беа во театар. Тие беа задоволни од претставата. Самите ученици беа задоволни од претставата). Таквата јазична практика како да се јавува како ехо од еден на Македонците „најбратски“ јазик. Џинот од Небрегово во брошурата „Македонската литература и македонскиот литерартурен јазик“ уште во 1945 година пишува за централните македонски говори кои според него имаат типично македонски црти

Во продолжение авторот на овој текст, Славе Катин, пишува за професорот Мотоки Номачи од Јапонија, кој е истражувач на словенската лингвистика, на социолингвистиката и на општата лингвистика, како и голем почитувач на јазикот на Македонците од Егејска Македонија. Тој е роден во метропола Токио, во Јапонија и е професор на Универзитетот во Хокаидо, во Сапоро, на дисциплината „Словенски микројазици“

Во текстот на Гордана Димовска под наслов „За големиот љубител на Македонија – Пјер Беарн“ се вели дека статијата е посветена на еден голем човек, голем поет, хуманист, љубител на Македонија, Пјер Беарн (Pierre Bearn). Тој бил роден на 15 јуни 1902 година, во Букуреш Романија како Луј-Габриел Беснард (Louis-Gabriel Besnard). Пјер Беарн, големиот француски писател, поет, новинар, хуманист, добитник на високи државни признанија, во 1978 година ја напишал песната “Македонија”. Песната е објавена на челно место во францускиот зборник “Македонија во срцето”. Токму од таа приврзаност и љубов кон Македонија, произлезе и филмот “Македонската книга на живите“, по сценарио на Јордан Плевнеш, а во режија на Иван Митески. Филмот бил завршен во 1995 година и тогаш премиерно се прикажал во Париз, дочекан со восхит од светската јавност.

Исто така е поместен текстот „Повик за настава по македонски јазик од далечината“ што го организира Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, која неколку години по ред организира настава по македонски јазик од далечина (он лајн) за децата со потекло од Македонија што живеат во странство.

Одреден простор е посветен на текстот на Душан Ристевски – Македон за најновото дело „Избор на текстови за Македонија“ (Selection of Papers for Macedonia), на англиски јазик од Славе Катин. Публикацијата е дело на „Македонска искра“ од Скопје и на МЛД „Григор Прличев“ од Сиднеј, а е финансирано од Фондацијата „Џорџ Атанасоски“ од Прилеп.

Во продолжение е поместена рецензијата на Венко Андоновски за најновото село на Лилјана Стоилковска под наслов „Туѓа на своето“, Во неа, меѓу другото, се вели дека поезијата за Стоилковска не е само музика, римуван трофеј во музејот на јазикот, туку таа има жива мисија ,мисија да ги поправа луѓето. Поезијата за Лилјана е очигледно дискурс со интенција, тоа не е поезија затворена во кула од слонова коска, тоа не е ларпуртлар-тизам, поезијата е поука, длабока размисла, сомнеж и проверка.

Исто така, во бројор 66 на списанието „Повод“ е даден текст за промоцијата на романот „Жална Македонија“ од Велика Џангалоска – Гатоис, -што се одржа на 25.3.2024 година, во просториите на црквата „Свети Илија“ од Квинбијан, Нов Јужен Велс.

Посебен простор е посветен на текстот на Душан Ристевски – Македон за проектот под наслов „ Сензационални досега непознати во нашата јавност сведоштва за теророт на Македонците за време на Ѓраѓанската војна во Грција“. Во текстот, меѓу другото се вели дека во јавноста е малку познато дека во екот на Граѓанската војна во Грција група странски новинари го посетиле егејскиот дел на Македонија. Еден од нив (етнички Евреин) потоа своите доживувања и записи ги објавил во обемна книга од близу 400 страници), која досега не е објавена во Македонија. Во книгата, освен описите на градовите и селата во егејскиот дел на Македонија и луѓето во нив, објавени се и ексклузивни интервјуа лично со водачот на ДАГ генерал Маркос, како и со други команданти на ДАГ.

Во текстот за „Прличевата награда“ е објавено дека поетот Славко Ѓорго Димоски е добитник со поемата „Денес“ Таа беше избрана за најдобра на конкурсот што во име на Прличев секоја година го распишува центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид. За самата поема „Денес“ Димоски посочи дека ја обработува денешната ситуација, се’ она што се случува кај нас, во нашата земја и надвор. Тоа е поема во која се трага по личен, ловечки, државен идентитет…

Во продолжение е дадед текст за новата стихозбирка „Свилени времиња“ од Марина Мијаковска, во издание на „Матица македонска“. Книгата содржи осумдесет и четири песни распределени во три компактни циклуси: Проветрено време, Свилени времиња и Времено сидро.

Посебно внимание заслужува текстот за поетесата Рада Видиновска од Канада на Славе Катин, во кој се вели дека Рада ја напуштила својата родна земја – Македонија, меѓутоа, спомените, мислата, љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не ја напуштиле. Не. Тие тлеат, постојат и ги оживуваат низ стиховите, низ песните и низ сé она што го оставила како свој придонес, дар и оставнина.

Исто така, презентиран е текстот на Иван Трпоски за средбата со Луј Влашо од САД во библиотеката „Григор Прличев“ во Сиднеј, што се оддржа на 05.04.2024 година, при што членовите на Друштво имаа можност да се сретнат со познатиот американски бизнисмен, хуманист и почесен конзул на Р. Македонија во Флорида.

Од животот и активностите на Македонците од Австралија се поместени текстовите за Филмот на Горан Столевски кој продолжува да ги собира наградите на автралиската филмска критика, објавен во Australian-Macedonian Today, како и текстот за Македонското литературно друштво „Ванчо Николески“ од Квинбијан, кое на свечен настан, со пригодна програма ги додели наградите на конкурсот за најдобра песна и расказ за 2023 година.

Потоа е поместен текстот на Славе Катин под наслов „Дали мултикултурата е вандализам?“ кој се однесува на упадот во манастирскиот имот „Св. Атанасиј“ на тетовското Кале, во кој е оштетена црквата, а се искршени сите прозорци и направена е сериозна материјална штета, како и текстот за Македонското друштво „Илинден“’ од Тирана кое е формирано од група граѓани со македонско потекло што живеат во главниот град на Албанија, а со цел да ги заштити и афирмира македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на македонското национално малциство во Република Албанија.

Посебен простор е посветен на текстот на Фиданка Танаскова под наслов „Безвремените богатства на Библиска Македонија“, во кој се вели дека Македонија е земјата која е распослана на јужните поли од Европа, која и во Библијата е запишана, изобилува со неброени бесценети, природни, археолошки, културни, историски и духовни богатства, кои се и најверниот и непобитен показ и доказ, дека древната наша родна земја и Македонците постојат со милениуми.

Во продолжение Александар Донски пишува за древните античко-македонски обичаи останати до денес, како што е обичајот за стрижење на косата како резултат на некоја голема несреќа, т.е. трагедија, до денес постои меѓу Македонците. Потоа, е поместен текстот под наслов „Реакција“ од Иван Трпоски, како и текстовите на Гордана Димовска под наслов „Велигден – најстариот христијански празник во светот“, „Велигденско изненадување“ и „Велигденски пост“.

На крајот е поместен текстот под наслов „Медитација“ од Мена Ристевска, како и песните „Не прашувајме“ на поетот Наум Трајчески, во рубриката „Еден поет – една песна“ подготвено од Иван Трпоски, како и активностите во врска со објавувањето на дела и за условите за конкурсите на членови на Македонско Литературно Друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН