ДИК го одби приговорот од „Европски фронт“ за изборното место во Ларце

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево не го прифати приговорот од Европскиот фронт за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино. На одлуката од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Овластениот претставник на „Европски фронт“, адвокат Ана Жаревска од канцеларијата на адвокат Мефаил Арслани истакна дека приговорот се однесува на повреди на постапката за гласање, како и за постапката за утврдување и сумирање на резултатите.

-Приговорот за заштита на избирачко право на подносители на листи од страна на коалицијата Европски фронт се однесува за избирачкото место 2101 за општина Желино. Се однесува на повреди на постапката за гласање, како и за постапката за утврдување и сумирање на резултатите, поточно не се почитувани одредбите од член 151 став 1 алинеја 1, 2, 6 и 7 од Изборниот законик. Образложенијата во поглед на повредите се дадени во самиот писмен приговор. Поради сите наведени причини предлагам ДИК да го отвори во целост и да го прегледа изборниот материјал и да го уважи приговорот и да го поништи гласањето, рече Жаревска.

По ова излагање на Жаревска, во процедурална забелешка членот на ДИК, Борис Кондарко побара застапникот на приговорот да ги образложи основите и причините за приговорот.

Жаревска потенцира дека во самиот процес на гласање се направени повеќе повреди, односно Избирачкиот одбор не постапувал согласно правилата утврдени во Изборниот законик.

– Прво и основно, постапувал спротивно на член 40 став 2 точка 2, бидејќи на двајца гласачи без да бараат помош за да гласаат им дозволил на други лица да им кажуваат кој број ќе го заокружуваат и воедно не го почитувал задолжението на ДИК од упатството дека во текот на гласањето во целиот процес треба да присуствуваат седум членови на избирачкиот одбор. Тоа претставува повреда по став 1 алинеја 1 алинеја 2 и алинеја 7 од Изборниот законик. Во околу 18:50 часот на денот на гласањето, односно на 22 мај , во просториите на гласачкото место дошле двајца возрасни гласачи со друго лице и без да бараат помош лицето ги земал нивните гласачки ливчиња и гласал наместо нив, со што е повредена правилото за непосредност на остварување на избирачкото право. При тоа, покрај повредите во процесот на гласањето имало повреди во процесот на утврдување и сумирање на гласовите. Во записникот на образец број 16 се пополнети податоци дека се искористени 550 гласачки ливчиња , односно 550 граѓани го оствариле правото на глас. Додека, во сумираниот збир во точките 3, 10, 11, 12, 13 фигурираат 565 гласачи кои го оствариле правото на глас по различни основи. Во тоа се состојат и повредите на начин што е спротивно на член 151 став 1 алинеја 6 каде што бројот на гласачки ливчиња е различен од бројот на гласачи кои го оствариле правото на глас, рече Жаревска.

За тие основи на приговорот, претседателот на ДИК, Александар Даштевски рече дека до нив во текот на целиот изборен ден не биле пријавени неправилности.

-Кога се собираат бројките 5, 10, 11, 12, 13 е вкупно 565 и од тој момент кога општинската изборна комисија видела дека таа бројка не се совпаѓа со бројката 550, во општинската изборна комисија е сменет овој записник и наместо бројката од 16 гласачи ставиле еден глас, рече потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.

По разгледувањето на целиот избирачки материјал, Даштевски рече дека се утврдило потполна иста состојба како што е во записникот и предложи да се одбие приговорот како неоснован.

И членот Абдуш Демири потенцира дека се утврдило дека избирачкиот одбор ја завршиле нивната работа согласно Изборниот законик. Предложи приговорот на „Европски фронт“ да се одбие како неоснован.

-Согласно член 150 предлагам да се прифати приговорот на „Европскиот фронт“. И согласно член 151 став 1 алинеја 1 каде избирачкиот одбор не го спроведува гласањето на начин утврден со овој законик а неправилностите влијаеле во постапката за гласање или постапката за сумирање на резултати. Исто така и алинеја 2 – е нарушена тајноста на гласањето. Го видовме тоа во забелешките ставени во самиот записник . И алинеја 6, бидејќи не знаеме што се отпечатоци, а што потписи. Тука е измешан делот каде се ставиле потписи, а каде отпечаток од прст. Исто така, и некои лица гласале за други лица. Предлагам во оваа избирачко место да се поништи и да се повтори гласањето, рече Шеху.

На обраќањето на Шеху, реагираше членот Бобан Стојаноски, кој истакна дека наводите посочени во приговорот се целосно неосновани – ниту влијаеле на гласањето, ниту на сумирањето на резултати.

По прегласувањето во избирачко место 2101 во Ларце, Желино, Коалицијата „Европски фронт“ загуби еден пратеник во однос на резултатите од 8 мај, додека Коалицијата „Вреди“ доби еден пратенички мандат. За прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петтата и шестата изборна единица, до ДИК немаше други приговори.