Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во текот на денот, во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на сесиите на второто годишно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, а воедно оствари три билатерални средби, информираат од Генералштабот на Армијата.
Началниците на Генералштабови на армиите на земјите членки на НАТО, согласно агендата на второто овогодишно заседание на ВК, низ неколку сесии дискутирале на актуелни теми од стратешко значење со фокус на спроведување на зацртаните цели во трансформацијата и операционализација на одбранбените планови на Алијансата, со цел целосна подготвеност за справување со сите актуелни и идни закани.
-Генералот Ѓурчиновски во седиштето на НАТО оствари билатерални средби со командантот на Вооружените сили на САД за Европа и на Сојузничката команда на НАТО за операции, генерал Кристофер Каволи, со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Италија, адмирал Џузепе Каво Драгоне и началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, генерал Метин Гурак , на кои се разговараше на теми од взаемен интерес и заеднички активности. На средбата со адмиралот Џузепе Каво Драгоне, на генералот Ѓурчинувски му е доделено највисокото воено признание на италијанските вооружени сили како потврда за одличната билатерална соработка и придонесот за развој на сојузништвото, особено за заедничкото учество со италијанските вооружени сили во мисијата КФОР и во контингентот за зајакната будност во Бугарија, се вели во соопштението.
На ова 191-во заседание на ВК, по воведните обраќања на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претседавачот на ВК, адмирал Роб Бауер, на две сесии од страна на командантот на Врховната команда за трансформација, генерал Филип Лавињ и командантот на Врховната Сојузничка команда за операции, генерал Кристофер Каволи биле презентирани конкретни насоки за имплементација на плановите во конкретни домени.
Исто така, е разгледуван напредокот во имплементација на Алијансата во однос на спектарот планови за одвраќање и одбрана, усвоени на претходниот НАТО самит, кои дискусии ќе бидат основа за подготовка за претстојниот самит кој ќе се одржи во Вашингтон оваа година.
На сесијата на Советот НАТО – Украина се дискутирало за агресијата на Русија над Украина, актуелната ситуација на теренот и континуираната поддршка за Украина која се обезбедува од страна на НАТО.
Заклучоците од собранието, како што велат од Генералштабот на Армијата, се соопштени на попладневната заедничка прес-конференција на адмиралот Бауер и генералот Каволи.
Воениот комитет на ниво на началници на Генералштабови одржува два редовни состанока во текот на годината, а еднаш годишно се среќаваат во една од сојузничките земји членки.