Маринакис: Очекуваме да го видиме ставот на новата Влада на Северна Македонија

Очекуваме да го видиме ставот на новата Влада на Северна Македонија. Постојат обврски, кои мора да се исполнат, а очигледно Грција, како сериозна и кредибилна држава, која се придржува до своите обврски, ќе постапи соодветно, порача портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервјуто за грчкото радио „Параполитика“, јави дописничката на МИА од Атина. 

Говорејќи за радиото, но и во интервјуто за телевизијата „Антена“, Маринакис ги повтори грчките позиции и за Договорот од Преспа и за односите со нашата земја, рече дека во договорот има две страни „Грција, која реално нема многу обврски“ и „Северна Македонија која имаше и има да направи многу“. 

-Кога, засега, на ниво на претседател на Северна Македонија, не го прифаќаат, името на нивната земја, на државата, зошто ние да брзаме? Постои причина за брзање? Очекуваме да видиме дали Северна Македонија ќе ги почитува договорените и изгласани и меѓународно ратификувани одредби од Договорот, рече Маринакис за „Параполитика“. 

За „Антена“ објасни дека тие како Нова демократија остануваат на ставот дека „Договорот е лош“, но дека уште од самиот почеток разјасниле дека имаат обврска да го почитуваат „бидејќи е ратификуван договор, изгласан од двете држави“. 

На прашањето дали ветото за европскиот пат на земјата е нешто за што размислува грчката страна, Маринакис повтори дека „пристапниот пат на Северна Македонија целосно зависи од нејзината усогласеност со Договорот од Преспа“.

Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис денеска зад затворени врати ја информираше Комисијата за надворешни прашања и одбрана за последните случувања во грчко-турските односи, по средбата Ердоган – Мицотакис во Анкара, а веднаш по состанокот во разговор со грчките новинари кои ја следат работата на Парламентот порачал дека „кога Северна Македонија ќе се усогласи со Договорот од Преспа, ќе се гласаат меморандумите“. 

За реакцијата за говорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, Герапетритис рекол дека Грција реагирала брзо, а особено потенцирал дека не постоел друг случај каде во рок од неколку часа реагирале претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет како и НАТО и Стејт департментот.