Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими Никица Мојсоска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски, претседател на Одборот на директори и членовите на Одборот, Невенка Димитрова, Џон И. Битов, Мајк Зафировски и Митре Кутановски, по повод одржувањето на 13. Самит Македонија 2025.
На средбата, претставниците на Македонија 2025 упатија честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова, посакувајќи ѝ успешно извршување на функцијата.
Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова, можноста за поголема координација и подлабока соработка меѓу дијаспората и матичната држава за остварување на националните интереси, дома и во светот, беа меѓу главните теми на разговорот.
Соговорниците ја информираа претседателката Сиљановска Давкова за целите на дводневниот самит, во чиј фокус се стратешкото лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигиталната трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање просперитетни економии. Учесниците имаат можност да разменат искуства и за потенцијалите на вештачката интелигенција, дигиталните здравствени иновации, како и за демократските аспекти и слободата на говорот во ера на дигитализација.
-Во таа насока беа нагласени очекувањата од придобивките на годинашниот самит што ќе обедини над 450 учесници и околу 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави, овозможувајќи вмрежување и соработка со потенцијални инвеститори. Претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за континуираниот придонес на Македонија 2025, чиишто иницијативи, проекти и активности поттикнуваат позитивни процеси во согласност со приоритетите за одржлив раст и развој во земјава, регионот и пошироката глобална заедница. Во тој контекст ја нагласи нејзината заложба за идна плодна соработка со организацијата, наведуваат од Кабинетот на Сиљановска Давкова.