ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Литературното друштво „Браќа Миладиновци” работи во состав на црковната општина „Свети Климент Охридски” во Торонто. Тоа е формирано на 6 март 1987 година. Првата литературна вечер, ја одржало во мај 1987 година по повод 126-годишнината од излегувањето на познатиот „Зборник на браќата Миладиновци“ и во чест на формирањето на друштвото.
Потоа на 1 јули 1989 година Друштвото ја печатеше првата публикација „Литературна мисла”. Во првиот број на ова списание се застапени сите членови на друштвото со по една песна. Вториот број на „Литературна мисла” излезе од печат следната година, а во него членовите на друштвото се застапени со по неколку песни.
Третиот број се појави во 1990 година, а во септември 1991 година, излезе и четвртиот број. Во истата година излезе од печат книгата поезија на членовите на ова литературно друштво под наслов „Траги во времето”, а во 1993 година излезе делото под наслов „Глас од далечината”.
Во 2001 година излезе од печат стихозбирката „Мостови”, во која сите членови се застапени со повеќе песни. Таа е издание на „Македонска искра“ од Скопје, а главен и одговорен уредни на стихозбирката е Славе Катин.
Посебно треба да се одбележи податокот дека од мај 1990 година Друштвото е организатор и домаќин на манифестацијата „Денови на македонската култура”, која стана традиционална форма и содржина во неговата работа и дејствување. Не ретко, нивни гости и соработници биле писатели, културни и научни работници од републиката, а станале и почесни членови: Анте Поповски, Орде Ивановски, Божин Павловски, Блаже Ристовски, Мето Јовановски, Јордан Плевнеш, Вера Стојчевска-Антиќ, Коле Мангов, Славе Николовски-Катин, Љубиша Георгиевски, Петар Темелковски, Петре М. Андреевски, Вангел Божиновски, Ката Мисиркова-Руменова, Илинден Спасе, Раде Силјан и други.
Нема приредба, одбележување на значајни настани и личности од македонската историја и култура во кои не учествуваат и овие творци и вљубеници во пишаниот збор, а кои се одржуваат во Канада или, пак, во Соединетите Американски Држави. Нераскинлива, и за нив најзначајна, е врската со татковината.
Остварена е соработка со Друштвото на писателите на Македонија, традиционалното учество на Струшките вечери на поезијата, на Рациновите средби, објавени се прилози на страниците на македонските весници, списанија и книжевна периодика, а се преземени и други активности.
Четириесетината членови на Литературното друштво „Браќа Миладиновци” се работници, интелектуалци, ученици, студенти, пензионери… Тоа се чета избраници кои со силата и со моќта на македонскиот збор војуваат и опстојуваат; патем, да забележиме дека неколкумина од нив пишуваат на англиски јазик и во светот ја шират вистината за Македонија. Нивното творештво, и во минатото како и денес, претставува потребна и суштинска активност на сопственото истрајување во историјата на светот. А нивното главно оружје е македонскиот литературен јазик
Во зградатана „Старскиот дом“ работи и Канадско-македонското историско друштво. Тоа е единствено од таков вид во дијаспората кое игра значајна улога во севкупната научна и културолошка активност на голем број македонски интелектуалции од Канада, а кое има и своја библиотека во Домот.
Канадско-македонското историско друштво е асоцијација во која членуваат Канаѓани од македонско потекло од сите делови на Македонија кои се занимаваат со македонската историја, култура, јазик, литература и воопшто со македонската вистина во минатото и сегашноста.
Тоа е формирано во 1991 година од група ентузијасти чиј број постојано расте и привлекува други професионалци и ентузијасти да ги негуваат македонските придобивки. Друштвото има за цел да ја развие свеста и гордоста меѓу членовите и пошироко во канадското општество со цел тие да дознаат од каде им се корените, какво било нивното минато, сегашност и иднина.
Оваа значајна канадско-македонска асоцијација е непрофитна, доброволна, формирана согласно законските одредби на провинцијата Онтарио. Затоа Друштвото е поддржано од бројни волонтери и нивни спозори кои ги финансираат програмите на Друштвото. Исто така, Друштвото придонесува да се соберат на едно место и членовите на Канадско македонската асоцијација на ветераните, што е голема придобивка во развивањето на односите меѓу ветераните од Македонија и Канада
Посебен акцент во работата на Друштвото е ставен на развојот и промовирањето на македонските историски и археолошки истражувања, како и воспоставување и одржување на библиотечен и музејски фонд, кои ќе значат проширување на знаењата на членовите и афирмација на македонската вистина во канадското општество.
Исто така, во Торонто активно работи на прашањата за човековите права на Македонците и другите обесправени народи „Македонското движење за човекови права“ (порано Македонско движење за човекови права од Канада). Тоа е формирано во 1986 година. Неговата цел е да се бори за основните човекови и национални права, вклучувајќи го и правото на слобода на изразување и здружување.
Оваа значајна македонска асоцијација ги поддржува демократските начела за сите етнички Македонци и другите обесправени народи, во согласност со Универзалната декларација за човековите права, Повелбата на Обединетите нации, Европската конвенција за човекови права, Париската повелба и сите други документи на Конференцијата за европска безбедност и соработка во Европа.
Во Торонто во 1988 година е формирано и „Здружение на македонските студенти на Универзитетот во Торонто“ (AMSUT). Како организација таа е посветена на активностите и прашањата на македонските студенти. Всушност, Здружението е центар за македонските активности на верска, политичка, образовна, културна и социјална природата.
Целта на оваа студентска асоцијација е да го зајакне чувството за општествена одговорност кај младите во заедницата, потоа да се зголеми донаторството кон Македонија, да се прошири стипендирањето на студентите и тие да се вклучат во македонската заедница на национална, културна, јазична, религиска и друга основа.
На 25 јануари 2010 година во Торонто се формира гранка на асоцијацијата „Македонија 2025“, американско здружение на бизнис професионалци. Оваа асоцијација е формирана во соработка со Скошија банката од Канада. Притоа е речено дека таа е за зближуваље на луѓето и претставува фантастична можност за македонските бизнис професионалци да се вклучат во средината каде што можат да учат едни од други, да градат односи и да инвестираат во себе.
„Македонија 2025“ е независна и неполитичка организација посветена на зајакнувањето и подобрувањето на економијата на Република Македонија. Она што го прави овој проект е уникатен во разновидноста на учесниците, бидејќи асоцијацијата ја води тим кој има богато искуство и знаење во областа на телекомуникациите, информатичката технологијата, финансискиот и банкарскиот сектор, развојот на инфраструктурата, претприемништвото и законодавните процеси.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН