Работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП) на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) на состанок на 2 мај во Женева, ќе ги разгледува по четврти пат податоците за состојбата на човековите права во Северна Македонија, се наведува во денешното соопштение на Канцеларијата на ОН во Скопје.
– Северна Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП, за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Северна Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година, пишува во соопштението.
Работната група na УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.
– Документите врз што се темелат прегледите се: 1) националениот извештај – информации обезбедени од страна на државата што се разгледува; 2) информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; 3) информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество, се појаснува во соопштението.
УПП е процес што вклучува периодичен преглед на податоците за состојбата на човековите права во сите 193 држави-членки на ОН.
– Од првиот состанок, одржан во април 2008 година, сите 193 држави-членки на ОН беа разгледани трипати. Во текот на четвртиот УПП циклус, државите повторно се очекува да ги објаснат чекорите што ги презеле за да ги имплементираат препораките, добиени за време на нивните претходни прегледи, на чие следење се обврзале, како и да укажат на скорешните случувања во oбласта на човековите права во земјата, се посочува во соопштението.
Делегацијата на Северна Македонија, како што е најавено, ќе биде предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи. Трите претставници на земјата што служат како известувачи – „тројка“, за прегледот на државава се Албанија, Бенин и Финска.