Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе води позитивна кампања што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Охрид на првиот ден од предизборната кампања за престојните парламентарни избори, порача дека партијата ќе води позитивна кампања, кампања на проекти, на надеж, и како што посочи, „кампања што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите“.

– После шест и пол години урнисување, криминал, понижувања, грабеж на институциите, грабеж на Македонија, сакаме да водиме кампања што на граѓаните ќе им ја врати надежта. Цениме дека надежта недостасува… Освен неколкумина од ДУИ и малкумина измеќари од раководството на СДСМ, сите останати граѓани имаат чувство дека се граѓани од втор ред. Тооа мора да престане, но после 8 мај ќе има и одговорност за се она што се случувало изминатите шест и пол години…Мотивирани сме, желни да покажеме да го оставиме срцето на терен за интересот на граѓаните и на Македонија, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред медиумите уште истакна дека изминатите две седмици од кампањата за претседателските избори, од владејачкиот СДСМ не бил кажан ниту еден збор, ниту една критика упатена кон ДУИ, додека истовремено од ДУИ ја критикуваат работата на СДСМ.

– Што можам дека друго да кажам освен дека тие практично се ништо повеќе од обични измеќари на ДУИ, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја искористи денешната работна посета на Охрид да истакне дека во предизборната програма на коалицијата „Твоја Македонија“ што ја предводат, меѓу другото е предвидена реалокација на средства од државниот буџет за општините, во вредност од 250 милиони евра годишно или милијарда евра за наредните четири години.

– Им порачувам на сите градоначалници да изготвуваат проекти од важност на граѓните. Амбиција ни е во еден момент да се работи на минимум 500 локации низ земјата. Ние нема да бидеме влада само онаму каде имаме свои градоначалници, туку сакаме да бидеме влада за сите граѓани и да покажеме дека не се сите политичари исти, дека нема да ги делиме граѓаните како што тоа го правеше досегашната власт, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ традиционално од Охрид вечерва во голем народен собир стартуваат со предизборната кампања за Парлементарните избори 2024 закажани за 8 мај.