Украинска делегација предводена од заменик-министерот за земјоделска политика и храна Маркијан Дмитрасевич оваа недела ќе престојува во земјава за да ги слушне, но и за да ги согледа практично, на терен, македонските искуства на патот кон ЕУ во делот на аграрот. Зошто Северна Македонија е најдобра во регионот по искористувањето на ИПАРД средствата, како фунционира Платежната агенција, кои се придобивките од консолидацијата на земјиштето, но и предностите од воспоставената Мрежа за сметководствени податоци од фарма (ФАДН), се само некои од успешните политики на земјава кои ќе им бидат презентирани на гостите од Украина. -Украина е во почетната фаза од правните прилагодувања во делот на Законот за земјоделство, од воспоставувањето на Платежната агенција и користењето на претпристапните европски средства, истакна Николовски.