ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Митрополитот Кирил беше еден од столбовите на опстојувањето на МПЦ-ОА во период од четири и пол децении. Владиката г. Кирил беше еден од највлијателните владици на МПЦ-ОА и сѐ што правеше беше во интерес на македонскиот народ насекаде по светот и Република Македонија.
Ние, православните христијани, во своето сеќавање посебно ги пазиме и славиме личностите кои на одреден начин ја спровеле во дело Божјата промисла. Таквите луѓе ги нарекуваме свои учители и нивниот пример се обидуваме постојано да го оствариме и примениме во своите животи. Некои од нив се удостоиле Божјата милост и Неговата света промисла да ги определи да бидат првенци и херои во својата непосредна средина, токму меѓу својот сопствен народ. Таквите луѓе се објект на воодушевување и анализа за целото народно потомство и за сите идни генерации. Еден од нив беше митрополитот г. Кирил.
Често се вели дека не постои народ, кој во своите редови нема свои гении, херои, луѓе познати и признати, личности со големи патриотски чувства и светители за кои гордо се прераскажува и се создаваат бројни корисни слова, посланија и преданија. Токму со вакви чувства и емоции е обоена биографијата и делото на големиот македонски великан, на македонскиот самопрегорен делатник, на еден од столбовите на македонскиот опстој, на човекот чиј живот е отворена историска книга, а тоа беше митрополитот господинот Кирил.
Тој беше еден од потписниците на историската одлука за возобновување на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во 1967 година, како и еден од столбовите на опстојувањето на МПЦ-ОА во период од четири и пол децении. Владиката г. Кирил беше еден од највлијателните владици на МПЦ-ОА и сѐ што правеше беше во интерес на македонскиот народ насекаде по светот и Република Македонија.
Како митрополит и надлежен архиереј на Американско-канадско-австралиско-македонската епархија на МПЦ, тој го учеше својот народ да не ги заборава своите македонски корени, својата самобитност, да го негува својот мајчини македонски јазик, обичаите, фолклорот… Меѓу македонската дијаспора, владиката г. Кирил ќе остане запаметен како македонски црковен и национален симбол. Тој беше црковен деец, одлучен борец на православната вера и човек кој целосно беше посветен на македонската кауза.
Архиерејот на Македонската правславна црква, Охридска архиепископија, митрополитот г. Кирил, има особени заслуги за формирањето на прекуокеанските епархии и за организирањето на црковниот живот во Австралија, САД и Канада. Останува запаметен како македонски црковен и национален симбол во иселеништвото.
Владиката г. Кирил беше олицетворение на автокефалноста на МПЦ-ОА и човек кој умееше да обединува и да се грижи за македонските национални интереси, но и да им се спротивставува на оние што ги напуштаа таквите начела.
Имаше извонредни комуникациски способности, дух што поттикнуваше и енергија која обединуваше. На достоинствен и сугестивен начин ги соопштуваше своите ставови и ги држеше своите проповеди на верниците како митрополит на Американско-канадско-австралиско-македонската епархија на МПЦи наПолошко-кумановската епархија.
Според зборовите на митрополитот г. Кирил, Петровден 1967 година, кога тој стана член на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква беше незаборавен. Имено, на таа седницашто што се одржа на 17 јули 1967 година, беше донесена историската одлука за канонско возобновување на афтокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на автокефалната Македонска православна црква, а Кирил беше избран за прв надлежен македонски архиереј за Американско-канадско-австралиската епархија на МПЦ.
Тоа му овозможи да се запознае со македонското иселеништво. Особено беше значајна пролетта 1965 година, кога како член на делегацијата на МПЦ, предводена од поглаварот на МПЦ, првиот архиепископот г.г. Доситеј, во својство на архиѓакон, за прв пат патува во Канада и во САД, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска православна црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски.
Во 1968 година ја реализира првата визитација на северноамериканскиот континент како надлежен архиереј на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија. За време на едномесечниот престој во САД и Канада, го освети третиот македонски православен храм на американските простори, црквата “Свети Ѓорѓи” во градот Сираќуз, во државата Њујорк, а посети и други градови во кои го отвори и поттикна процесот за формирање нови македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светоклиментовата МПЦ.
Првата канонска визитација на Австралија ја изврши во почетокот на 1969 година, заедно со митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. Таму посетуваат голем број македонски цркви и црковни општини.
Инаку, со Австралиската епархија, која во 1974 година е одвоена од Американско-канадската епархија, митрополитот Кирил активно раководи до 1982 година. Притоа, со одбран тим на свои најблиски соработници ги изработува првата епархиска конституција со експозе и новите правилници, со кои македонските црковни општини ќе се усогласат со светите канони и новиот Устав на МПЦ-ОА. Според нивното слово ќе бидат формирани и раководени новоизградените македонски православни цркви.
По враќањето од Австралија, врши обемни подготовки за посета на Канада и САД. Во канадската метропола Торонто, каде македонската етничка заедница е најбројна, заедно со ѓаконот Александар Цандовски ќе им биде нивното седиште и тука се преземени темелни потфати за формирање на првите органи и тела на Американско-канадско-австралиската македонска епархијата.
Така, во 1969 година заминува за Канада, со седиште во Торонто, со цел да ја организира прекуокеанската Американско-канадската епархија. Потоа на 10 август 1969 година, во катедралниот храм “Свети Климент Охридски Чудотворец” – во Торонто, со величествени свечености е извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиско- македонската православна епархија од страна на неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН