ЦРКОВНО – НАЦИОНАЛНИ АКТИВНОСТИ НА МАКЕДОНЦИТЕ НА ПЕТТИОТ КОНТИНЕНТ (16)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Македонците во Австралија отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, нацио­нални и политички влијанија. Тоа особено било изразено меѓу двете светски војни во минатиот век Меѓутоа, во Австралија се отвори процес на создавање автентични македонски организации, македонски православни цркви и црковни општини, културно-уметнички, литературни, забавни, спортски друштва и друг вид асоцијации. Сите тие претставуваат најзначајни и најголеми места на собирање и активности на македонските доселеници од етничка Македонија во демократска Австралија.

Австралија е најмалиот континент кој се наоѓа зад екваторот, на јужниот дел на Земјината топка, меѓу Индискиот и Тихиот Океан, југоисточно од Азија. Таа како континент го зафаќа копното на Австралија и островот Тасманија, а по пространство е приближна колку Европската унија. Поголемиот дел е пустински, но со пространи зелени појаси крај бреговите, со услови за живеење од тропска до умерена клима.

Северните брегови на „Terra Australis Incognita“ – Непознатата јужна земја – Австралија, како што средновековните географи го нарекле тоа копно, го откриле Португалците и Шпанците (Де Торез околу 1588 година). Потоа, поопстојни истражувања почнале Холанѓаните во 1605/6 година, чиј морепловец Тасман, го заобиколил и дошол до островот Тасман(ија), кој го добил името според него.

Во 1770 година, англискиот морепловец Џејмс Кук подобро ја испитал и ја прогласил Австралија за англиски посед. Во тоа време во неа живееле само неколку стотици илјади домородно население Абориџани, изолирани од цивилизацијата. Потоа во 1778 година во Австралија бил испратен првиот конвој од транспортери и трговски бродови со 717 затвореници под команда на капетанот Филип, со што започнала колонизацијата на таа нова земја.

Eмигрирањето на Македонците кон петтиот континент, пак, како и иселувањето од Македонија, особено од Беломорска Македонија би­ло из­ра­зе­но по Балканските војни и по Првата светска војна, кои на­место слобода од петвековното ропство, на Ма­ке­дон­ците им донеле тројна поделба, угнетување, аси­ми­­­ла­ци­ја, денационализација и физичко униш­ту­вање, што ги спроведувале порано ослободените соседи, Бу­гарија, Крал­ска Југославија, Грција и Албанија.

Тешко може да се определи бројот на Македонци­те во Австралија, бидејќи во новиот свет доаѓале и доаѓаат со тур­ски, грчки, бугарски, српски и други патни исправи. Зависно од тоа нивните имиња се приспособуваат на новата татковина. Единствено, Македонците од Република Ма­кедонија заминуваат со македонски пат­ни исправи и официјално се ре­гистрираат како Ма­ке­дон­ци.

Бројот на македонските иселеници во демократска и мултикултурна Австралија се зголемува од година во го­дина. За жал, не постојат целосни и попрецизни податоци за тоа колку досега заминале и го напуштиле македонскиот дедовски праг. Меѓутоа, според некои неофицијални показатели се проценува дека повеќе од 300.000 Македонци од етничка Македонија ги одбрале Австралија и Нов Зеланд за свои нови татковини.

Црквата „Св. Петка“ во Рокдеил

Според зборовите на митрополитот г. Кирил, кога се пишува за Македонците во Австралија, треба да се нагласи дека тие отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, нацио­нални и политички влијанија. Тоа особено било изразено меѓу двете светски војни во минатиот век. Притоа, во прилог одела и неорганизираноста на македонските доселеници кои, за жал, немале ниту своја држава, ниту, пак, свои македонски православни цркви. Но и денес, по осамостојувањето на Македонија како независна и самостојна држава, туѓите влијанија се бескруполозни во Австралија.

Демократска и мултикултурна Австралија никогаш немала проблем со името Македонија. Во тој контекст, вредно е да се напомни, дека Австралија го финансирала досега најголемиот македонско-англиски речник во светот што го издаде Австралискиот национален универзитет. Исто така, треба да се спомене дека уште во Првата светска војна австралиски војници во рамките на британските воени сили активно учествувале на македонскиот фронт.

Затоа, денес во Австралија се отвори процес на создавање автентични македонски организации, македонски православни цркви и црковни општини, културно-уметнички, литературни, забавни, спортски друштва и друг вид асоцијации. Сите тие претставуваат најзначајни и најголеми места на собирање и активности на македонските доселеници од етничка Македонија во демократска Австралија.

Пред конституирањето на МПЦ-ОА во лицето на Охридската архиепископија, голем број македонски доселеници помогнале материјално и финансиски во изградбите и опстојувањето, како и црквувале во српски, грчки, руски, украински, романски, англикански протестански и други цркви.

Таков е случајот со Бугарско-македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј” во Мелбурн, Викторија, која била поттикната и изградена од голем број Македонци, особено од егејскиот дел на Македонија, а и денес контролирана од МПО (Македонска патриотска организација).

Меѓутоа, конституирањето на Република Македонија и прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква во лицето на Охридската архиепископија, се настани од фундаментално значење и за иселениците во Австралија. Со тоа се отвори процес на создавање автентични македонски организации, македонски православни цркви и црковни општини и друг вид асоцијации.

Притоа, посебно место има македонската православна општина „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн, Викторија, која е прва македонска православна црква изградена надвор од Република Македонија и е дело претежно на Македонци од егејскиот дел на Македонија.

Овој значаен и голем македонски центар денес се наоѓа во Престон, во еден убав дел на градот каде денес е изградена новата црква посветена на вети Ѓорѓи и на света Богородица.

На самиот влез на центарот се извишува споменик на Гоце Делчев, кој е откриен на 3 декември 1988 година, а под платото е распространета црквата и културно-просветниот центар „Епинг“ кој, покрај другото има неколку сали и други придружни простории, од кои големата сала е вистински културен простор и собиралиште, пред се‘ на  постарата генерација македонски доселеници.

Со поголемиот прилив на емигрантите во Австралија, во последните педесетина години, се зголеми православното население, чиј број е за неколку стотици илјади поголем во споредба со тој од пред Втората светска војна. Затоа има мешање на православните со луѓе од другите религии. Сето тоа доведува до брзи промени во општеството каде што припаѓаат и македонските православни верници.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН