Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава како Македонци и како засебна нација, како што била и како што е во моментот по основните заложби на Крушевскиот манифест, порача од Струга претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ за Македонија Максим Димитриевски.
На пуштањето на претседателскиот изборен штаб во Струга, доколку ја добие поддршката на граѓаните тој кажа дека ќе биде претседател на сите граѓани на Македонија. На политичките субјекти од власта и опозицијата рече дека ќе им предложи да потпишат национална платформа за македонските национални интереси, бидеќи, според него, тоа ни е повеќе од потребно во овој момент.
– Ќе работам на концептот да се формира едно независно тело од стручни експерти од Европската унија, кои покрај тоа што треба да се посветат на работење и анализа на сите пресуди во Стразбур против Република Бугарија за обесправеноста на македонските организации таму дополнително потпомогнати со наши домашни експерти да поработат и на времената рамка, која е во сила во моментот и нејзина адаптација на општо прифатливите општествени услови во Македонија, соглансо желбите на Македонските граѓани, рече Димитриевски.
За него е нездозволливо како народ и како држава да бидеме негирани.
– Ние постоиме во континуитет како народ и како јазик со сопствена историја и култура и тоа е одраз на заложбите и борбите на нашите претци. Недозволиво е некој во 21 век, кој е член на ЕУ да не негира во континуитет, додаде претседателскиот кандидат на ЗНАМ.
Затоа, нагласи, дека следната политичка елита, кој и да е на власт, треба сериозно да се посвети на ова поле и да ја разработи преговарачката рамка со ЕУ и билатералното прашање да се реши на релација Скопје – Софија.