Техничкиот дијалот на Белград и Приштина за забраната на динарот на Косово почна денеска, а високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во писмена реакција до Европскиот парламент изјави дека ЕУ е загрижена поради недостигот на претходни консултации со Приштина во врска со одлуката за забрана на динарот и последиците што оваа одлука може да има за секојдневниот живот на Србите во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Жозеп Борел, во одговор на прашањето на францускиот пратеник, Доминик Билд, што планира да направи Европската комисија во врска со прашањето за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО) и забраната за динари во Косово, нагласи дека тоа особено се однесува на последиците за училиштата и болниците, со оглед на „очигледното отсуство на алтернативни решенија во овој момент“.
-Прашањето за одлуката на Централната банка на Косово за готовинските операции допира прашања за кои требаше да се преговара во врска со ЗСО, како што се статусот и финансирањето на институциите управувани од Србија во Косово и нивната интеграција во косовските институции и правната рамка. ЕУ е загрижена поради отсуството на претходни консултации и последиците што оваа одлука може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници, напиша Борел, пренесе РТС.
Тој повтори дека формирањето на ЗСО е обврска на Приштина според меѓународното право.
Борел додаде дека оваа обврска произлегува од бриселскиот договор од 2013 година, кој Белград и Приштина го склучија во дијалог со посредство на Унијата, а потоа беше усвоен од собранието на Косово.
Тој потсети дека ЕУ го подготви европскиот нацрт на статутот на ЗСО, во консултација со експерти за меѓународно право, притоа почитувајќи ги релевантните договори од дијалогот, како и „косовската правна рамка“ и „црвените линии на страните до степен кој е можен“.
-На 21 октомври минатата година нацрт-статутот беше претставен пред Албин Курти и Александар Вучиќ, а Косово на 26 октомври ја извести ЕУ дека ќе го прифати предлогот, под услов Договорот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, Анексот и Нацрт-статутот на самата ЗСО формално да се потпишани од Курти и Вучиќ, изјави Борел.
Тој додаде дека Белград исклучува каква било форма на потпис и дека оттогаш претставниците на Приштина не се ангажирани во разговорите за ЗСО.